По иницијатива на Министерството за култура и туризам, конституирана е работна група, составена од претставници од туристичкиот сектор при Министерството, Македонската асоцијација на туристички водичи и нивните подружници, Здружението на туристички водичи (ЗТВПМ), како и експерти и претставници од високообразовните институции кои ќе ги сертифицираат идните туристички водичи и придружници.
Според информациите од Министерството за култура и туризам, на првата средба на работната група беа лоцирани главните предизвици и беше постигнат консензус за мерки кои ќе го подобрат квалитетот и професионалноста во работата на туристичките водичи.
Туристичките водичи од Македонија ги пренесоа своите прецизни барања за подобрување на работните услови, со цел стандардизирање на дејноста и унапредување на туристичката понуда на државата. Водичите се првиот допир на туристите со Македонија – “културни амбасадори кои имаат клучна улога во создавање на впечатокот за нашата земја”. Затоа нивната работа мора да биде соодветно валоризирана, регулирана и поткрепена.
Министерот Љутков потенцираше дека вложувањето во квалитетот и професионалноста на туристичките водичи е еден од најважните чекори за развој и позиционирање на Македонија како конкурентна и привлечна туристичка дестинација. “Акцентиравме проблеми кои се резултат на одредени слабости во регулативата поради кои професијата туристички водич не е на нивото кое го заслужува, а со тоа квалитетот и конкурентноста на туристичкиот производ не достигнува задоволителен стандард. Овие слабости овозможуваат водичи од различни држави да ги презентираат културните добра, традиционалните културни вредности гледани низ нивните наочари, тука е и слабата заштита на домашните туристички водичи.”
“Одлучивме да ги отстраниме овие слабости и да ги заштитиме домашните туристички водичи, за таа цел формирани се стручни работни групи каде партиципираат и здруженијата на водичи и високообразовните установи за туризам со кои во тесна соработка работиме на отстранување на слабостите во регулативата како би постигнале подостоинствена и попочитувана професионална дејност на туристичкиот водич во Македонија”, изјави Љутков.
Во насока на зајакнување на дејноста на туристичките водичи, Министерството за култура и туризам ја потврдува својата улога како главна институција во подобрување на условите за работа, едукација и промоција на оваа важна професија. “Во рамки на своите нови ингеренции и преку овие активности, ја потврдуваме својата определба за креирање квалитетна, професионална и конкурентна туристичка понуда, во која туристичките водичи ќе бидат еден од клучните столбови на националниот туристички развој. Туристичкиот водич станува културен медијатор кој го приближува нематеријалното културно наследство до туристите.”
Меѓу приоритетните задачи кои се разработуваат се: усвојување повисоки стандарди за обука на стручни и професионални водичи, подигнување на квалитетот на туристичките услуги, можности за формирање на туристичка инспекција со широки овластувања која ќе ги спречи нелиценцираните водичи и неовластеното вршење на дејноста, со што ќе се заштитат професионалците и ќе се зачува угледот на туристичката индустрија. Исто така, координација и усогласување на законската регулатива во насока на јасен и ефикасен правен систем за унапредување и заштита на професијата туристички водич, како и заштита на државата од ширење на невистини и искривување на историјата и културното наследство, со цел зачувување на веродостојноста и интегритетот на културните вредности, потенцираат од Министерството.