Латинското име му е Portulaca grandiflora, а народот го нарекува ПРКОС
Ниту еден друг цвет не може да поднесе и суша и силни горештини како пркосот. Тој го добил ова име, бидејќи ги пребродува неповолните услови за живот, а цути непрекинато од јуни до првите мразови.
Колку помалку внимание му обрнувате толку поубав и побуен станува. Може да цути во жардиниери на тераса, во градината, како прекривка на земјата околу рози…
Поволно време за садење пркос од семе или садници е март и април, додека во мај можете да го најдете во расадник во чашки (најдобриот начин на садење е да купите садница пркос). Се сади во камени површини, цветни греди или цветни леи во градините. На сончевите тераси или прозорци може да расте и во саксија или жардиниера.
Неопходно е само да му обезбедите добра дренажа. Доколку го садите во саксија, на дното ставете малку песок. Пркосот ретко се наводнува, евентуално преку лето, за време на големите жештини.
Поврзани објави
Оваа билка се размножува сама. Во градината каде што ќе падне семе, кое може да ги преживее зимските услови, пркосот ќе никне и следната година, само малку подоцна, дури во мај. Ако некој сака да ја искорени оваа билка, настанува мал проблем, бидејќи лесно расејува семе и потребни се неколку години за да се искорени целосно.
Не постои човек кому не му успеало одгледувањето на оваа билка. Нејзините цветови се отвораат со првите сончеви зраци, а се затвораат кога ќе падне мрак.
Цветовите на пркосот се еднобојни или шарени, во разни бои: бели, жолти, портокалови, розови, црвени, виолетови, а самите ливчиња може да се разликуваат од брановидни до рамни.
Има црвенкаво зелјесто стебленце и иглести, меснати, кратки листови, а расте во висина од 10 до 15 сантиметри.
ФОТО: Freepik