Почетна ЕкономијаМожно укинување на блок-тарифите: Се подготвуваат промени во начинот на пресметка на струјата

Можно укинување на блок-тарифите: Се подготвуваат промени во начинот на пресметка на струјата

од nenad
1 минути читај за

Во јавноста повторно се отвори дебатата за начинот на кој граѓаните плаќаат електрична енергија, откако од Регулаторната комисија за енергетика најавија дека ќе се анализира постојниот систем со блок-тарифи и можноста за воведување поинаков модел за пресметка на сметките.

Новиот претседател на РКЕ, Ацо Ристов, изјави дека актуелниот систем отвора прашања за еднаквоста меѓу потрошувачите, бидејќи домаќинствата плаќаат различна цена за иста електрична енергија, зависно од потрошувачката.

Според него, можно е во иднина да се разгледува модел со единствена цена на струјата, кој би бил поедноставен и, како што вели, поправичен за сите корисници.

Блок-тарифите беа воведени во екот на енергетската криза во 2022 година, со цел да се заштитат граѓаните со помала потрошувачка и да се стимулира штедење на електрична енергија. Со сегашниот систем, потрошувачите кои трошат повеќе струја плаќаат повисока цена по киловат-час.

Сепак, најавата за можни измени предизвика реакции кај дел од експертите и политичките партии. Одредени енергетски аналитичари предупредуваат дека евентуалното укинување на блок-тарифите би можело најсилно да ги погоди граѓаните кои трошат помалку струја – пензионерите, самците и семејствата што внимателно ја контролираат потрошувачката.

Дениз Мустафаоглу од Здружението на инженери енергетичари оцени дека ваквиот предлог е недоволно образложен и предупреди дека во одредени сценарија сметките би можеле значително да се зголемат.

Реакции пристигнаа и од Левица, од каде сметаат дека евентуалната промена би значела дополнителен товар за најранливите категории граѓани. Од партијата велат дека наместо укинување на блок-тарифите, потребно е да се решат проблемите со паушалните сметки и да се разгледа можноста за проширување на евтината дневна тарифа.

Од РКЕ засега нема конечна одлука, а најавено е дека ќе следуваат анализи и консултации пред евентуални измени на системот.