Table of Contents
Во свет во кој социјалните мрежи секојдневно ни сервираат слики од совршени животи, беспрекорни изгледи и луѓе кои секогаш знаат што сакаат, сè поголема храброст е да се зборува за она што се случува зад затворените врати. За несигурностите, стравовите, осаменоста, исцрпеноста и моментите кога едноставно немаме сила да продолжиме со исто темпо.
Токму во тој простор на искреност се позиционира RESET – поткастот кој преку лични приказни и отворени разговори нè потсетува дека никој не мора сам да се справува со своите предизвици.
По успешната прва сезона, Николина Славковска, позната како Нина Ред, се враќа со нови разговори, нови гости и уште поголема желба да отвора теми за кои сè уште не зборуваме доволно гласно.
Втората сезона започна со посебен настан – поткаст во живо, пред ограничен број гости, во кој нејзина соговорничка беше регионалната инфлуенсерка Дуња Јованиќ. Изборот не е случаен: токму кога некој што го гледаме преку екранот ќе ја покаже својата човечка, ранлива страна, станува појасно колку малку знаеме за вистинските приказни зад јавните профили.
За Нина, искуството од првата сезона донело и самодоверба и одговорност. Слушајќи ги личните исповеди на гостите, сфатила дека понекогаш најважното нешто што можеме да му го дадеме на другиот не е советот, туку вниманието. Дека зад насмевките и привидно средените животи често се кријат битки за кои никој не знае. И дека не мора секогаш да имаме одговор на секое прашање.
Но, RESET не зборува само за тешките моменти. Зборува и за дозволата да забавиме, да поставиме граници, да кажеме „не“, да побараме помош и да не се чувствуваме виновни затоа што не сме постојано најдобрата верзија од себе.
Во месецот посветен на подигнувањето на свеста за менталното здравје, со Нина разговараме за новата сезона, притисокот на јавниот живот, границата меѓу искреноста и изложувањето на приватноста, но и за најважниот ресет – оној во кој учиме да си веруваме себеси.
„Во втората сезона сакам уште повеќе да слушам, а помалку да претпоставувам“
Со какво чувство влегуваш во втората сезона – со поголема самодоверба или, напротив, со уште поголема одговорност?
Мислам дека е комбинација од двете. Првата сезона ми даде огромна самодоверба бидејќи сфатив колку многу ни значи кога некој ќе седне спроти нас и искрено ќе зборува за работи за кои сите понекогаш мислиме дека само нам ни се случуваат. Но со тоа дојде и поголема одговорност. Кога луѓето ти ја доверуваат својата приказна, особено кога станува збор за нешто толку лично како менталното здравје, мораш да бидеш внимателен како ја пренесуваш. Во втората сезона влегувам со желба уште повеќе да слушам, а помалку да претпоставувам.
Што научи за себе како водителка слушајќи ги туѓите најинтимни приказни во првата сезона?
Научив дека не мора секогаш да имаш одговор. Понекогаш најважното нешто што можеш да му го дадеш на човекот спроти тебе е навистина да го слушнеш. Сите гости ми оставија нешто, на различен начин, и мислам дека токму тоа е убавината на RESET. Не би издвојувала една приказна, затоа што секоја носеше некоја своја тежина, но особено ме погоди сознанието колку често луѓето изгледаат сосема добро однадвор, а внатре водат битки за кои никој не знае.
Втората сезона ја започна со поткаст во живо, пред ограничен број гости, со познатата регионална инфлуенсерка Дуња Јованиќ. Зошто токму ваков формат за новиот почеток?
Сакавме новиот почеток да биде навистина нов почеток, нешто што ќе излезе од рамките на класичниот формат. Живиот поткаст носи сосема поинаква енергија. Кога разговорот се случува пред луѓе, чувството на блискост е многу поголемо, а истовремено и самата искреност добива друга тежина. Дуња беше прекрасен избор за првата епизода затоа што е личност која има голема регионална публика, но и многу човечна и искрена страна која можеби не секогаш ја гледаме на социјалните мрежи. Сакавме да покажеме дека RESET не е само нешто што го гледате, туку разговор во кој можете и самите да се препознаете.
Поврзани објави
Што можат да очекуваат гледачите од втората сезона?
Ќе има нови теми, нови приказни и гости кои можеби не би ги очекувале во ваков формат. Сакам и понатаму да го задржиме она што беше најважно во првата сезона, односно искреноста, но да си дозволиме да бидеме уште поотворени. Регионалните гости секако се дел од плановите, бидејќи менталното здравје не познава граници и мислам дека е убаво да слушнеме различни искуства од луѓе со кои можеме да се поврземе без разлика од каде доаѓаат.
„Понекогаш доволно е да го промениш начинот на кој му пристапуваш на животот“
Дали денес, по успешно завршената прва сезона, поинаку го разбираш зборот „ресет“?
Апсолутно. Пред RESET, ресетот за мене можеби звучеше како нешто големо. Момент кога мора целосно да го промениш животот. Денес го гледам како нешто многу поедноставно. Понекогаш ресет е само да си кажеш дека денес не мораш да продолжиш на истиот начин како вчера. Да застанеш, да се послушаш, да промениш нешто мало, да кажеш „не“, да побараш помош или едноставно да си дадеш дозвола да одмориш. Не мора секогаш да го менуваш животот. Понекогаш доволно е да го промениш начинот на кој му пристапуваш.
Октомври е месец во кој особено се зборува за подигнување на свеста за менталното здравје. Сметаш ли дека денес доволно зборуваме за тоа?
Зборуваме многу повеќе од порано и тоа е огромен чекор напред, но мислам дека сè уште не зборуваме доволно длабоко. Лесно е да кажеме „чувајте си го менталното здравје“, но многу потешко е навистина да зборуваме за она што се наоѓа под површината. Осаменоста, депресијата, зависностите, проблемите во односите, ниската самодоверба, притисокот да бидеме успешни, чувството на неуспех – сè уште постојат теми на кои многу луѓе се плашат да зборуваат. Мислам дека најважно е да продолжиме да создаваме простор во кој човек нема да се чувствува осудено ако каже „не сум добро“.
Животот зад совршената фотографија
Социјалните мрежи создадоа простор луѓето да зборуваат поотворено, но истовремено предизвикаа и борба за лајкови. Каде ја гледаш границата помеѓу искреното споделување и претворањето на ранливоста во содржина?
Границата, според мене, е во намерата. Кога споделуваш нешто затоа што навистина сакаш да разговараш, да се поврзеш со некого или да му покажеш дека не е сам, тоа се чувствува. Кога ранливоста станува средство за внимание, исто така се чувствува. Не мислам дека јавните личности треба да молчат за своите тешки моменти, напротив. Но не мора секоја болка веднаш да стане објава. Понекогаш најздравото нешто е нешто да остане само твое.
Како јавно лице, колкав притисок чувствуваш секогаш да изгледаш добро, да си расположена и да имаш „среден“ живот?
Постои таков притисок, секако. Особено кога работата ти е поврзана со тоа како изгледаш, што кажуваш и како те доживуваат другите. Но со текот на времето научив дека не можеш постојано да бидеш најдобрата верзија од себе, ниту пак треба. И јас имам денови кога не сум расположена, кога сум несигурна, уморна или едноставно сакам да се исклучам. Мислам дека токму тоа е нешто што треба почесто да си го дозволуваме – да не мораме секогаш да изгледаме како сè да ни е совршено.
„Најголемиот ресет беше кога престанав да им објаснувам на другите“
Кој е најголемиот „ресет“ што си го направила досега во животот?
Најголемиот ресет за мене бил моментот кога сфатив дека не морам постојано да им објаснувам на другите зошто ги носам одлуките што ги носам. Да научиш да си веруваш себеси, дури и кога некој друг не се согласува со тебе – тоа е голем ресет. Имало повеќе такви моменти во животот, но секој од нив ме научил дека понекогаш мораш да затвориш едно поглавје за да можеш искрено да влезеш во следното.