Наташа Петровска успешно плива во бизнис-светот како основачка на студиото „Фигурела“ во Скопје – место што им го смени животот на подобро на стотици дами, кои токму овде успеаја да го реобликуваат своето тело и да ја зајакнат самодовербата.
Таа неодамна доби идеја, повторно во служба на дамите, да создаде гелови за намалување на обемот и за борба со целулитот – проблем број еден кога е естетиката на жената во прашање. Ваквите третмани досега можеа да се користат само во ексклузивните салони за убавина, а тоа на клиентките им одземаше многу време и пари.
Токму затоа, оваа инспиративна дама одлучи да пласира термо и крио-гелови за слабеење и намалување на целулитот, како дел од својата нова линија за убавина и нега „Натела бјути“.
Како се роди идејата за овие кремови?
По 15 години успешна работа со жени кои се трудат да го извлечат најдоброто од своето тело, дојдов до заклучок дека целулитот е проблем со кој секојдневно се борат 90 отсто од жените. Тој претставува голем проблем, бидејќи не се појавува само кај дамите со прекумерна тежина, туку со него се соочуваат и жени што немаат вишок килограми, напротив, изгледаат слабо, а голем процент од нив се и физички активни, но повторно се мачат во борбата со целулитот.
Тоа е така зашто целулитот се создава како резултат на повеќе состојби или нарушувања кај жените и нивните хормони. Тука особено влијае и самата генетика, забавениот метаболизам, а како што одминуваат годините, доаѓа и до хормонална нерамнотежа и се намалува цврстината на сврзното ткиво под и во кожата. Поради сите овие причини, досега навистина беше тешко ефикасно да се третира и намали целулитот.
Кажи ни нешто повеќе за овие иновативни производи!
Следејќи ги светските трендови и иновации во индустријата за нега и убавина, и со помош на моето долгогодишно искуство, го формулиравме сетот „Натела термо & крио-гел“, кој се состои од два препарата со комплементарно и синергично дејство.
Термо-гелот е антицелулитен гел со екстракт од црвено чили, кој дава силен термоген ефект на загревање на телото, стимулирање на лимфниот проток и дренажа. Освен тоа, овозможува согорување на мастите и зајакнување на сврзното ткиво во и под кожата.
Крио-гелот е иновативна формула со ефект на интензивно ладење, кое ја стимулира циркулацијата на крвта, ги елиминира и спречува таложењата на мастите и дава моментален лифтинг-ефект. Со помош на третманот со термо и крио-гелот, ефикасно се разбива целулитот, доаѓа до намалување на обемот и до слабеење, а се добива и поцврста, поеластична и помазна кожа.
Студиото „Фигурела“ во Македонија постои речиси 15 години. Како почна таа приказна?
Со „Фигурела“ се запознав случајно на едно од моите патувања низ Европа. Станува збор за бренд кој успешно функционира во светски рамки точно 41 година. Методот го испробав и на себе, а илјадниците задоволни клиентки се најдобрата реклама за она што го работиме и за тоа колку е ефикасно и различно од сите други програми за слабеење и ремоделирање.
Научно докажано е дека овој метод функционира, а неговиот изумител, научникот Вант Хов, е добитник на Нобелова награда.
Покрај сè што правиш, од неодамна си застапник на италијанските солариуми „Смарт-солариум“ за нашите простори.
Сè што работам претпочитам да е иновативно, ново и досега невидено на овие простори. Истовремено, важно ми е да е здраво и безбедно за моите клиенти. Токму затоа ја уживам довербата на клиентите, што најмногу ме радува. Од самиот старт посетителите на „Фигурела“ бараа и солариум, но јас бев скептична бидејќи сметав дека тоа не е сосема безбедна опција за салон каде што главен приоритет е здравјето на жената.
Трагајќи по совршено здрава формула за потемнување, дојдов до „Смарт-солариум“, кои се водечка фабрика за иновативни солариуми во светот. Станува збор за исклучително здрава комбинација, која подразбира сончање со активирање на колагенот, дополнето со хијалуронски бризер, кој помага во антиејџ-третманот на жената. Па во последниве неколку години станав нивни застапник за Балкан и Турција.
Поврзани објави
Препознатлива си по твојата позитивна енергија и вита става. Како успеваш секогаш да бидеш во топ-форма?
Ви благодарам на комплиментот. Поради природата на мојата работа, сметам дека не е во ред да си дозволам да се опуштам кога се во прашање килограмите и мојот изглед, воопшто. Истовремено, ми влијае сликата што ја гледам кога ќе се погледнам во огледалото, па не ми е тешко да истраам на патот моделирајќи ја најдобрата верзија од себе. Отсекогаш сум сакала и ме фасцинирале жени кои во своите поодминати години изгледаат убаво и вито, па веројатно тоа ми е мотив плус да изгледам пријатно и здраво.
Како изгледа едно дневно мени на Наташа Фигурела и колку често вежбаш?
Неколку правила кои ги почитувам во однос на исхраната а сакам да ги споделам со вашите читателки: никогаш не јадам јаглехидрати во комбинација со протеини, пијам многу течности, особено чаеви и не консумирам алкохол. Ќе ви откријам и една тајна за нешто што го практикувам долги години – секое утро пијам млака, речиси топла вода, точно 640 милилитри. Ова е јапонска метода со чија помош ќе ги прочистите цревата, со што ќе ги подготвите за денот, а ладна вода не пијам речиси никогаш.
Што се однесува до стилот, многу често можеме да те видиме во лежерно издание, но кога е свечена пригода во прашање, лежерноста ја заменуваш со високи потпетици и здолниште. Како ти е тебе најпријатно, кој е твојот омилен стил на облекување?
Убаво сте забележале, токму тој стил – спортско лежерен – е нешто во кое се чувствувам најудобно. Не велам дека не сум љубител на високи потпетици кои ги имам во изобилие, но ми служат само за свечени пригоди, или за некое од моите ретки излегувања навечер со другарките.
Твоја опсесија се патувањата, имаш посетено многу земји. Би живеела ли на друго место освен во Македонија?
Во принцип, јас сум човек кој секаде се приспособува, но земји што одговараат на мојот темперамент и потреби, се Италија, Шпанија и Португалија. Ми се чини дека луѓето во овие земји имаат менталитет сличен на нашиот, па сметам дека во таа средина би можела да функционирам и да се чувствувам пријатно.
Која е твојата омилена дестинација за одмор во летните месеци?
Прв на листата за одмор на подалечна дестинација ми е дефинитивно Тајланд, бидејќи има егзотика, убава храна и културно локално население. Таму сум опуштена и навистина си ја одморам душата. Од друга страна, сосема спротивен на овој одмор ми е оној кога одам на грчкиот остров Миконос и на шпанскиот Ибица. Таму главни се забавата и убавите дружби до раните утрински часови.
Од каде ја црпиш енергијата да чекориш напред и да ги остваруваш своите соништа?
Храброст неминовно е потребна, но во мојот случај имам среќа што се занимавам со она што го сакам цел живот. Мене токму оваа работа ме исполнува и храни. Имам потреба да го пренесам она што сум го собрала како искуство работејќи со стотици жени и да ѝ помогнам на секоја од нив да се чувствува поубаво, самоуверено и храбро да се соочува со предизвиците што ги носи животот.
ТЕКСТ: Татјана Пуленџовска
ФОТО: Антонио Станков
СТИЛИСТ: Игор Марков
ШМИНКА И ФРИЗУРА: Даниел Николовски