Table of Contents
Постојат битки што завршуваат со последната терапија, но постојат и такви што продолжуваат долго откако ќе ги напуштите болничките ходници. Битки што никој не ги гледа, затоа што на сите околу вас им изгледа дека најтешкото веќе поминало. А вие допрва треба да научите како повторно да живеете со сопственото тело, како да се погледнете во огледало без да ги гледате само промените и како да поверувате дека сè уште сте истата жена – иако ништо веќе не е исто.
Токму ова е приказната на Ана Дорник. На само 35 години ѝ бил дијагностициран рак на дојка. Болеста била откриена во почетна фаза, но поради инвазивниот карцином морала да се подложи на мастектомија – хируршка интервенција со која ѝ била отстранета десната дојка. Следувала хемотерапија, физичко и емотивно закрепнување, но и долг пат до повторното прифаќање на сопственото тело.
Пред дијагнозата, Ана одела на превентивни прегледи еднаш годишно, верувајќи дека тоа е доволно. Денес, со знаењето и искуството што ги има, признава дека би сакала да одела и почесто, за болеста да била откриена уште порано и последиците врз нејзиното тело да биле помали.
Но од оваа тешка животна пресвртница се родила и една нова Ана.
Шест години по дијагнозата, таа е основачка на здружение, авторка и мотивациска говорничка, која преку јавни настапи, книги, претстави и лични разговори им дава поддршка на жените што минуваат низ слично искуство. Нејзиниот мултимедијален перформанс „Лузни од мед“ ги претставува трите верзии на една жена – пред болеста, за време на лекувањето и по него.
Парадоксално, иако го победила ракот, тој и понатаму е дел од нејзиното секојдневие. Но денес, како што вели, тоа е дел од нејзината мисија – да им помогне на другите жени да сфатат дека нивниот живот е многу повеќе од дијагнозата што ја добиле.
Во разговорот за она што често останува неискажано, Ана отворено зборува за првата средба со телото по мастектомијата, за стравот дали партнерот повторно ќе ја посакува, за сексуалноста по операцијата, за контролите што можат да ги разбудат најтешките спомени и за периодот кога сите мислат дека сте добро, а вие допрва учите како да бидете добро.
Поврзани објави
„Кога ќе завршат терапиите, одеднаш се прашувате: која сум јас сега?“
За лекувањето и стравот од болеста сте говореле многупати. Но што се случува кога лекувањето ќе заврши, а од вас се очекува едноставно да продолжите со животот?
Мислам дека една од најголемите заблуди во врска со ракот се крие токму во реченицата: „Лекувањето заврши, сега си добро“. Како последната терапија да ја затвора една книга, а човекот едноставно продолжува да живее таму каде што застанал. А она што ѝ останува на жената по дијагнозата е лузна. Не само физичка, туку и емотивна. Вие веќе не сте истата личност што влегла во таа болест.
Кога ќе завршат терапиите, всушност почнува еден многу тивок, често невидлив дел од закрепнувањето. Телото полека ја враќа силата, но и душата има свој ритам. Потребно е време повторно да научите да му верувате на сопственото тело, да ја планирате иднината без постојано да го следите секој нов знак и секоја болка, да се погледнете во огледало и прво да не го гледате она што болеста го променила.
И постои уште нешто за кое малку се зборува: за време на лекувањето имате цел. Ја имате следната терапија, следната контрола, следниот чекор. Имате цел – да истраете.
Кога сето тоа ќе помине, одеднаш останувате сами со прашањето: „Добро, а која сум јас сега?“
Мене ми беше потребно време да сфатам дека закрепнувањето не значи враќање на старото. Дека излекувањето не значи само физичко оздравување на телото, туку и голема работа на себе, доколку сакате да бидете сигурни дека ваквото искуство нешто ве научило.
Закрепнувањето е создавање нов живот, со сето она што сте го изгубиле, но и со она што сте го добиле. А јас добив свест за минливоста. Добив благодарност за обичниот ден. Добив способност да не ги одложувам љубовта, разговорите, прегратките, соништата.
„Не би ја вратила Ана пред болеста – таа не го знаеше она што го знам денес“
Текстот продолжува на следната страница…