Денеска, вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, и амбасадорот на Кралството Шпанија, Рафаел Сориано Ортиз, се сретнаа во Министерството за транспорт, каде беше потенцирано дека билатералните врски помеѓу Македонија и Шпанија дополнително се интензивираат со воведувањето на авиолинијата Скопје-Мадрид, покрај веќе постоечката линија Скопје-Барселона.
Вицепремиерот Николоски информираше дека овие две авиолинии се дел од владиниот план за унапредување на авиотранспортот, преку кој се создаваат нови можности за двете држави и нивните граѓани. Според него, тие претставуваат значаен чекор напред во поврзувањето на двете земји.
На средбата, исто така, се дискутираше за тековните политички и економски теми во државата и регионот. Вицепремиерот Николоски подвлече дека Македонија е во фаза на интензивен инвестициски циклус за развивање на патната и железничката инфраструктура, со посебен фокус на коридорите кои треба да го стимулираат економскиот напредок во регионот.
Беа истакнати и шансите за вложување во земјата преку остварување на инвестиции во области од обостран интерес. На крајот од разговорот, двајцата соговорници се согласија дека соработката меѓу двете земји е на високо ниво и има потенцијал да се зајакне, особено во економскиот сектор. „Билатералните односи меѓу Македонија и Шпанија дополнително ги зајакнуваме преку отворање на авиолинијата Скопје-Мадрид и претходно воспоставената линија Скопје-Барселона“, изјавија од Министерството за транспорт.