„Имавме тешка состојба, ќе имаме уште. На 18 март треба да се видиме на територијата на Македонија, тогаш и господинот Борел ќе биде во посета на регионот. До таа дата треба да разговараме со Лајчак за имплементацијата на договорот“, порача Александар Вучиќ по низата состаноци со официјални претставници на Европската Унија (ЕУ) и косовскиот премиер Албин Курти.
„Во документот на ЕУ е истакната неопходноста од почитување на претходните договори. Господин Курти не беше подготвен да прифати Заедница на српски општини, не знам дали ќе биде во иднина. Од сите големи разговори, ништо посебно не е договорено, но важно е дека разговаравме. Господин Курти дојде со намера да се потпише нешто. Договорено е да продолжиме да разговараме. Како и да завртите, Заедницата на српски општини е на прво место. Видов дека се води кампања против Заедница на српски општини, утре детално ќе разговарам за тоа“, изјави вечерва српскиот претседател, Вучиќ.
Србија и Косово во април во 2013 година го потпишаа Бриселскиот договор. Европскиот предлог кој чека потврда на лидерите се смета за најважен документ досега кој би требало да води кон сеопфатна нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.