Table of Contents
Ако ги завршите овие мали работи што постојано ги одложуваме додека уште е убаво времето, првите врнежливи и студени денови ќе ги пречекате во многу попријатен и поудобен дом
На летото полека му се ближи крајот, а со првите посвежи денови домот повторно станува местото каде што поминуваме сè повеќе време. Затоа, крајот на август е идеален момент за неколку мали подготовки кои често ги одложуваме за „кога ќе затреба“.
Не мора да правите големо генерално чистење. Доволно е да средите неколку ситници кои ќе ви ја направат есента попријатна, а домот поуреден и посвеж.
1. Исперете ги завесите и освежете ја завесата за туширање
Во текот на летото прозорците често се отворени, па на завесите побрзо се таложат прашина и честички од воздухот. Исперете ги сега, додека сè уште можете брзо да ги исушите. Истото важи и за завесата во бањата – мала работа, но веднаш ќе направи просторот да изгледа посвежо.
2. Проверете ги прозорците и вратите пред првиот студен ден
Не мора да бидете мајстор за да забележите дека некаде „дува“. Поминете со раката околу прозорците и вратите и проверете дали чувствувате провев. Ако дихтунзите се истрошени или оштетени, сега е вистинскиот момент да ги замените.
3. Исперете ги или исчистете ги перниците што ги користите секојдневно
Често ги занемаруваме перниците за спиење, декоративните перници и оние со кои ги поминуваме вечерите на каучот. Проверете ја декларацијата и, доколку материјалот дозволува, исперете ги или барем добро проветрете ги. Кога ќе дојде есента, ќе ви биде мило што сте го направиле тоа.
4. Испразнете ја фиоката со „сè и сешто“
Сите ја имаме. Онаа во која чуваме батерии, запалки, сметки, штрафови, стари пенкала и којзнае што уште. Одвојте десетина минути, фрлете го она што веќе не ви треба и организирајте ги ситниците. Веројатно ќе се изненадите колку работи сте барале само затоа што не сте знаеле каде се.
5. Проверете ги сијалиците и направете мала залиха
Поврзани објави
Есента носи пократки денови, а со тоа и повеќе време поминато под вештачко осветлување. Проверете кои сијалици се при крај и дали некоја ламба веќе подолго време ви „ги боцка“ очите. Ова е една од оние ситници на кои обично се сетуваме дури откако ќе прегори сијалицата.
6. Средете го плакарот пред да пристигне есенската гардероба
Не мора веднаш да правите голема сезонска замена на гардеробата. Само тргнете ги работите што сигурно нема да ги носите до следното лето и направете малку место за јакни, џемпери и облека за дожд. Така ќе го избегнете добро познатото: „Немам што да облечам, а плакарот ми пука од облека“.
7. Исчистете ги филтрите на клима-уредот
Ако клима-уредот го користевте речиси цело лето, сега е добар момент да ги проверите и исчистите филтрите според упатствата на производителот. Есента е идеална за вакво мало одржување, пред уредот повторно да ви затреба.
8. Направете „есенска кошница“
Ова можеби е најмалата, но и една од најубавите промени. Во една кошница ставете сè што ви е потребно за посвежите вечери: ќебе, чорапи, книга, свеќа или некој друг предмет што го сакате. Кога ќе дојде првиот дождлив ден, нема да мора да барате ништо.
9. Проверете ја домашната аптека и основните резерви
Проверете ги роковите на траење на работите што вообичаено ги користите и дополнете го она што ви недостасува. Истото важи и за основните производи во домаќинството – средства за чистење, сијалици, батерии, хартиени производи и слично.
10. Додајте еден мал детаљ што ќе ја промени атмосферата
Не ви треба нов мебел за домот да изгледа поинаку. Нова навлака за перница, миризлива свеќа, мала вазна, есенско цвеќе или потопло осветлување можат да направат огромна разлика. Поентата не е целосно да го „преоблечете“ домот за есента, туку да му го дадете оној топол и пријатен амбиент што по летото на сите ни недостасува.