23. издание на фестивалот на европски филм „Синедејс“ заврши со проекцијата на „Неочекувана среќа“, 50-тиот филм на Вуди Ален
Некои замижуваат пред неговото скандалозно минато во име на филмското наследство што го има оставено зад себе, а други го бојкотираат одбивајќи да ги гледаат неговите понови остварувања на кои се чини им нема крај. Вуди Ален на 88 години го сними својот 50-ти филм „Неочекувана среќа“ (Coup de Chance), кој наводно ќе биде неговиот последен, но со него никогаш не се знае.
Покрај тоа што е познат по аферата со посвоената ќерка Сун Ји од бракот со актерката Миа Фароу, Ален е познат и како еден од најпродуктивните американски режисери и сценаристи, кој се прослави со своите горчливо-слатки филмови, збогатени со елементи на пародија, апсурд и црн хумор. Во тој стил е и неговото најново филмско остварување „Неочекувана среќа“, кое ја доживеа својата премиера на Венецискиот филмски фестивал во септември, а вчера го затвори 23. издание на фестивалот на европски филм „Синедејс“ во паркот МКЦ.
Централен лик во овој комично-романтичен-драматичен трилер е Фани (Лу де Лаж), млада парижанка која своето бунтовно боемско минато го има заменето со живот на висока нога како сопруга на мултимилионерот Жан (Мелвил Пупо), чиј бизнис претставува мистерија дури и за неговите најблиски пријатели. Фани и Жан се совршен пар: шармантни, атрактивни и лудо вљубени еден во друг. Но судбината решава да ги замеша своите прсти и од нигде никаде, Фани го среќава стариот средношколски пријател Алан (Нилс Шнајдер), кој веднаш ѝ признава дека отсекогаш бил вљубен во неа. Аферата е неизбежна.
Додека Фани и Алан ги поминуваат деновите читајќи поезија и разменувајќи си нежности во бајковитиот пејзаж на нивниот омилен парк, сомнежот кај посесивниот сопруг расте. Не е тешко да се претпостави понатамошниот тек на целата приказна. Од слатка романтична комедија, филмот полека се претвора во драматичен трилер кој кулминира со убиство. Дејството е прилично предвидливо, но сценариото е доволно динамично и комично за да не биде здодевно. Ликовите се симпатични, иако се површно обработени, па логично, и глумата генерално соодветствува на слабиот развој на карактери. И ако некој од гледачите случајно успее да влезе во детективска улога со цел да ѝ даде логичен расплет на целата приказна, ќе се соочи со разочарување, бидејќи режисерот решил разврската да ја предаде во рацете на добро познатото средство „деус екс макина“. Да не заборавиме дека филмот, сепак, се вика „Неочекувана среќа“.
Поврзани објави
Секако, можат да се издвојат и неколку блескави моменти. И покрај тоа што Вуди Ален не се потрудил многу да ги продлабочи своите ликови, Лу де Лаж прилично уверливо ја игра улогата на жена која е растргната помеѓу нејзиниот удобен, луксузен живот и копнежот за љубовна авантура со романтичниот писател. Впечатлива е и појавата на мајката на Фани (Валери Лемерсје), која е главниот катализатор за разрешувањето на мистериозното убиство. Француските актерки де Лаж и Лемерсје градат одлична динамика на филмското платно како мајка и ќерка, со која успеваат да го нагласат значењето на мајчинската поддршка, како и на непогрешливата мајчинска интуиција.
Без разлика дали ќе ви се допадне или не, овој предвидлив трилер што тоне во клишеа, може да се смета за грациозен излез на Вуди Ален од филмската сцена. Потпомогнат од џезерскиот саундтрак со Cantaloupe Island на Херби Ханкок во главната улога и од кинематографијата со импресивен колорит на оскаровецот Виторио Стораро, „Неочекувана среќа“ е едно од оние „грешни задоволства“ кои иако не кажуваат ништо ново или значајно, можат да послужат за разонода, особено на топол летен ден кога ни треба нешто лесно и лабаво.
Пишува: Марија Лукаревска
ФОТО: ИНТЕРНЕТ