Годинешното филмско патешествие беше отворено со документарниот филм „Ефтеркланг: Македониум бенд“
Вчера, 11.7, паркот во МКЦ се претвори во лулка на културата, филмот и музиката. Без никакви помпезни најави и одложувања, започна 23. издание на најпознатиот македонски филмски фестивал Синедејс, во организација на Младинскиот културен центар во Скопје.
Годинешното филмско патешествие беше отворено со документарниот филм „Ефтеркланг: Македониум бенд“ во данско-македонска копродукција и во режија на Андреас Јонсен. Филмот е снимен во април 2023 година и го следи експерименталниот музички процес на познатиот бенд Ефтеркланг, кој доаѓа во Македонија и се подготвува за својот перформанс пред споменикот „Македониум“. За таа цел, членовите на бендот Каспер Клаусен, Мадс Брауер и Размус Столберг, со помош на продуцентот и организатор на концерти Владица Младеновски – Грга од МКЦ, ја започнуваат својата потрага по македонски музички и уметнички таленти кои ќе дадат свој придонес во креирањето уникатен финален продукт.
Истрагата ги доведува до пејачката Дина Јашари, поетесата Ива Дамјановски која воедно свири и на тамарин вокс, тапанарката Мартина Баракоска, гитаристот Јане Трајковски, Женскиот младински хор при МКЦ, музичарот на народни инструменти Стефче Стојковски и скулпторот и музичар Дејан Спасовиќ. Преку размена на знаења, искуства и вештини, сите тие заедно успеваат да создадат единствена симбиоза на две екстремно различни култури и уште еднаш докажуваат дека музиката ги руши сите граници.
По завршувањето на документарецот, на огромно задоволство на многубројната публика, бендот Ефтеркланг се појави на сцената со своето македонско засилување и сите заедно приредија незаборавно музичко доживување, кое заврши со весело оро, во знак на почит кон македонската култура и традиција.
„Од комплетни странци до најдобри пријатели – тоа е нешто неверојатно“, кажа вокалот на бендот, Каспер, а режисерот Јонсен се надоврза:
„Ние сега сме семејство Македониум“.
Поврзани објави
И навистина присутните ги почувствуваа данските музичари како блиски пријатели, а тие, пак, повеќепати ја изразија својата благодарност за македонското гостопримство. Срдечноста што ги пречекала каде и да се појавеле, ја надвладеала секоја можност за каков било културен шок.
„Мислам дека не доживеав никаков културен шок. Да, сè е многу поразлично од Данска и културите екстремно ни се разликуваат. Во Данска сè е строго и точно определено, а тука сè е хаотично, но функционира на некој чуден начин“, ни изјави Размус Столберг, басист во бендот.
Синедејс ќе трае до 17. јули, а дел од денешната програма се филмовите: „Добрите момци одат во рајот“ и „Палас“ на Роман Полански во паркот МКЦ; „Највредниот товар“ и „Екскурзија“ во киното Фросина, а во летното кино на Кинотека ќе се прикажува „Семето на светата смоква“ на иранскиот режисер Мохамад Расулоф, кој доби специјална награда на Канскиот филмски фестивал годинава.
Инаку, Синедејс е единствениот фестивал во Европа кој има привилегија да прикажува филмски остварувања директно по нивната премиера во Кан.
Билетите се по цена од 250 ден., а целата програма можете да ја погледнете ТУКА.
Пишува: Марија Лукаревска
ФОТО: Фејсбук и Инстаграм на МКЦ