Почетна ЕкономијаМуцунски на бизнис форум во Лондон: Ги повика британските компании да ги истражат можностите на македонскиот пазар и економија

Муцунски на бизнис форум во Лондон: Ги повика британските компании да ги истражат можностите на македонскиот пазар и економија

од nenad
1 минути читај за

За време на неговата посета на Лондон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се обрати пред бизнис форум каде презентираше пред преку 50 британски компании за можностите за инвестирање и инвестициската клима во државата.

Според извештајот од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, министерот Муцунски на форумот говореше за стремежите и активностите на Владата за подобрување на бизнис-климата, како и за потенцијалите за интензивирање на трговската и економската интеракција.

“Во таа прилика тој ги покани британските компании да ги истражат можностите кои ги нудат македонскиот пазар и економија и изрази подготвеност, на ниво на Влада и Министерство, да им биде обезбедена сета неопходна поддршка за реализација на нивните инвестиции планови и цели,” се вели во изјавата.

Во текот на работната посета во Лондон, министерот Муцунски го посети и училиштето за источноевропски јазици во рамките на University College London, каде што се учи и се негува македонскиот јазик.

Во таа прилика беше реализирана донација на учебници и литература, кои ќе придонесат во полесно совладување на нашиот мајчин јазик.

“Токму промоцијата на македонскиот јазик и создавањето услови за негово изучување се едни од најважните приоритети на Министерството, на кои активно се работи во изминатиот период,” се нагласува во соопштението.

За време на престојот, министерот Муцунски, се додава, остварил и средба со членовите на Парламентарната група во британскиот Парламент за соработка со Република Северна Македонија.

“На средбата се разговараше за унапредување на билатералните односи, зајакнување на парламентарната соработка, како и за значењето на двата парламенти во унапредувањето на политичките односи помеѓу двете земји.”

“Министерот Муцунски изрази благодарност за континуираната поддршка и интерес за нашата земја, како и за придонесот во зајакнувањето на пријателството помеѓу двете држави,” стои во соопштението.

вг/дма/Фото: МНР и НТ .