Зачестеноста на ракот на цревата кај младите луѓе е во пораст, но симптомите честопати се занемаруваат
Познат како „најсмртоносниот рак кај лица помлади од 50 години“, ракот на цревата изискува рана интервенција, која може да спаси живот, бидејќи болеста со години може да остане непрепознаена, сè додека лечењето стане неефикасно.
За жал, симптомите кои пациентите, па дури и докторите, често ги занемаруваат сè додека стане предоцна, може да потсетуваат на други, помалку сериозни болести.
На пример, синдромот на нервозни црева обично предизвикува симптоми како дијареја, констипација и болка во стомакот, а најчесто е предизвикан од стрес или одредени намирници. Со оглед на тоа што и ракот на цревата е проследен од истите симптоми, покрај подуеност, промени во празнењето на цревата и појава на крв во столицата, доктор Асија Маула, лекар по општа пракса во установата The Health Suite, истакнува дека постои начин да се направи разлика меѓу овие две состојби. А тоа сознание може некому да му го спаси животот.
Таа наведува дека разликата меѓу синдромот на нервозни црева и канцерот е во тоа што кај ракот редовно се појавува чувство на „непотполно“ празнење на цревата. Таа тоа го опишува како:
„Чувство на потреба за празнење на цревата дури и откако штотуку сте биле во тоалет.“
Експертката објаснува дека причината за тоа е „израсток“ во анусот, појаснувајќи:
„Во медицината тоа го нарекуваме непотполно празнење на цревата. Израстокот во цревата или ректумот понекогаш може да предизвика чувство на притисок или иритација, односно делумно да го попречи преминувањето на столицата, поради што лицето може да има чувство дека и понатаму мора да изврши нужда, дури и откако ги испразнило цревата.“
Поврзани објави
Сепак, доктор Маула посочила дека постојат и други знаци што може да укажуваат на тумор, како појава на анемија и краток здив, бидејќи крвта тогаш не може соодветно да го пренесе кислородот. Секако, го истакнала и присуството на крв во столицата и ги предупредила младите луѓе да не го занемаруваат тоа.
„Немојте едноставно да го занемарите тоа, само затоа што сте во 20-тите, 30-тите или 40-тите години. Помладите се склони да чекаат да видат дали симптомите ќе исчезнат, особено кога се зафатени или сметаат дека постои очигледно објаснување.“
Експертката додала:
„Вашиот општ лекар попрво би испитал симптом кој на крајот може да се покаже како безопасен отколку да го одлага барањето помош, мислејќи дека сте премногу млади за да се разболите од рак на цревата.“
Овие информации следат по шокантното истражување оваа година, кое покажало дека 45 отсто од пациентите на возраст од 21 година или помалку, лечени во 34 болници во САД, починале од рак на цревата, додека кај 37 отсто од нив болеста се вратила во рок од 12 месеци.
Болката во стомакот била ран симптом кај третина од испитаните пациенти, а 45 отсто од нив забележале промени во навиките за празнење на цревата. Според доктор Маула, сите мора да бидат претпазливи:
„Важно е да не се донесуваат пребрзи заклучоци за тоа зошто стапките на заболувања растат, додека истражувачите сè уште ги испитуваат причините.“
ФОТО: FREEPIK