Почетна ЕкономијаМицкоски: Во наредниот период очекуваме намалување на инфлацијата

Мицкоски: Во наредниот период очекуваме намалување на инфлацијата

од nenad
4 минути читај за

Инфлацијата веќе трет месец по ред бележи пад, намалувајќи се од 4,9% на 4%. Се очекува овој тренд на опаѓање да продолжи и во иднина.

“Тоа е добра вест и за граѓаните, бидејќи на тој начин и тие ќе имаат подобар стандард и поквалитетен живот”, изјави премиерот Христијан Мицкоски за време на Бизнис форумот во Струмица.

Мицкоски, кој е исто така лидер на ВМРО-ДПМНЕ, изрази очекување дека во следните два квартали ќе се задржи стапката на раст во рамките на бруто домашниот производ, а во вториот квартал ќе има пораст од околу 7,8%.

“Тоа е важно, бидејќи кога го пресметувате буџетскиот дефицит важен е номиналниот раст на бруто домашниот приизвод, кои ќе биде највисок досега”, додаде тој.

Премиерот очекува дека буџетскиот дефицит оваа година ќе заврши на ниво под 4%.

“Консолидирањето започна лани, не успеавме во 2022 и 2023 година и ќе продолжи наредната година и да дојдеме под оние 3,5 проценти, кои се нормални во европските земји”, истакна Мицкоски.

Тој потенцираше дека очекува стабилна макроекономска политика и дека иако има притисок за зголемување на ДДВ, тоа нема да се случи – останува 18%. Исто така, и покрај притисокот за зголемување на старосната граница за одење во пензија, владата донела закон за ангажирање на пензионерите со плаќање даноци и придонеси. “Нема да има зголемување на даноците, освен оној данок што мора да го зголемиме, тоа данокот на профит од 15 отсто кај одредени компании кои ги исполнуваат условите кои ги има наметнато ОЕЦД”, појасни Мицкоски. Тој додаде дека такви компании во земјава се три типа: странски кои работат во економските зони, странски инвеститори кои не работат во зоните и домашни компании кои се во сопственост на мултинационални компании кои работат во Македонија.

Премиерот изрази очекување дека во наредните години ќе се води стабилна макроекономска политика, стабилна промакедонска политика дома и надвор, и дека интеграцијата во ЕУ останува приоритет, но не по секоја цена. “Ние ќе си ја напишеме домашната задача во делот за планот за развој и економската агенда, ние ги испорачуваме. Ние ќе ги направиме сите реформи, ќе се развиваме на начин на кој се развиваме, но повеќе билетарелни уцени оваа влада и додека јас ја водам оваа влада таков тип на прифаќање нема да има, како што беше случај во минатото. Нас ни треба стабилен чекор, нека биде ситен, но да биде стабилен напред до моментот на консолидирање. Ако некој му текне и ја викне нашата земја таму- се знае тоа е политичка одлука на други, а не на Македонија. Ние јасно сме кажале дека нашата иднина е да бидеме таму”, рече Мицкоски.

Тој исто така информираше дека се водат преговори со САД за потпишување договор поврзан со трговските тарифи за приближно осумдесет производи и артикли, со цел таа тарифа да се движи меѓу нула и 8 проценти. “Практично да бидеме најконкуретни и мислам дека за дел од тие производи ќе успееме, вклучително и земјоделските производи. Имаме голем извоз на автобуси таму преку поранешен „Ван Хол“ во износ од 250 милиони долари. Ако успееме да го постигнеме тој договор онака како што планираме, извозот ќе порасне на една милијарда долари, а се планира изградба на две фабрики за автобуси во Македонија, од кои едната може да дојде во Струмица”, рече Мицкоски.

Премиерот додаде дека се блиску до реализација на инфраструктурните проекти со Велика Британија. “Во моментот имаме избор на индикативна финансиска понуда, необврзувачка и ќе влеземе во процес на дефинирање на договорот и есента следната година очекуваме да почне реализацијата на овој голем капитален проект. Така што кога сето ова би се аплицирало во годините коишто следуваат очекуваме инвестициски бран меѓу 4 и 5 милијарди евра, или годишно околу една милијарди евра”, заклучи премиерот Мицкоски.

Кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Петар Јанков, исто така се обрати пред стопанствениците на Бизнис форумот, нагласувајќи дека задача на градоначалникот е да излезе во пресрет на бизнис секторот. “Ние треба да бидеме партнер, а не негова административна пречка. Затоа, ќе формираме економски-социјален совет кој ќе функционира заедно со граѓанскиот сектор, со јавната администрација со цел да бидете подобро запознати за сите проекти и инфраструктурни проекти”, рече Јанков.

На Бизнис форумот во Струмица присуствуваа и вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, заменикот министер за економија, Марјан Ристески и поранешниот министер за финансии Зоран Ставревски, кои одговараа на прашања поставени од стопанствениците.