Поранешниот министер за финансии, Кирил Миновски, во својата изјава за МИА, оцени дека најавата за стратешко партнерство со Обединетото Кралство ќе претставува значаен поттик за македонската економија. Тој особено го нагласи потенцијалниот инвестициски пакет од 5 милијарди фунти, како и соработката во областите на трговијата, инфраструктурата, енергетиката, доброто владеење и борбата против организираниот криминал.
“Најавата за стратешко партнерство, особено ако се потврди и најавениот инвестициски пакет од 5 милијарди фунти, како и соработката во трговијата, инфраструктурата, енергетиката, доброто владеење и борбата против организираниот криминал, би претставувала сериозен импулс за македонската економија”, истакна Миновски.
Според него, ова партнерство може да го подобри меѓународниот имиџ и економската иднина на Македонија, доколку се реализира со вистинска политичка волја и стратешки пристап. Миновски потенцира дека Македонија, како мала држава, треба да гради стратешки сојузи со земји кои имаат глобално влијание.
“Една од тие земји е и Обединетото Кралство, кое, по излегувањето од Европската Унија, сè повеќе го пренасочува својот фокус кон билатерални односи, особено во региони од стратешко значење како што е Западен Балкан. Истовремено, со тоа што САД сè повеќе се фокусираат на внатрешни прашања и Индо-Пацифичкиот регион, Обединетото Кралство станува сè поважен партнер за нашата надворешна политика”, додаде Миновски.
Тој укажа дека пристапот до поголеми пазари е особено важен од економски аспект. “Велика Британија е водечка земја во Комонвелтот, што отвора можности за поттикнување на извозот и привлекување на странски инвестиции”, објасни Миновски, споменувајќи го позитивниот пример на компанијата „Џонсон Мети“ и присуството на британски компании во рударството.
Миновски смета дека постојат големи потенцијали во сектори како земјоделството, автомобилската и одбранбената индустрија, ИКТ услугите, финансискиот сектор и логистиката. Тој нагласи дека инвестициите во железничката инфраструктура, особено модернизацијата на Коридорот 10, се клучни за долгорочната економска стабилност.
“Заокружувањето на Коридорите 8 и 10 – и патната и железничката инфраструктура посочува дека би придонело не само за регионалното поврзување, туку и за раст на домашниот бруто-производ преку зголемена потрошувачка и вработување”, објасни Миновски. Тој додаде дека Обединетото Кралство може да биде важен партнер во енергетскиот сектор, вклучувајќи ја изградбата на хидроцентралата „Чебрен“ и развојот на обновливи извори на енергија.
Миновски заклучи дека овој договор може да донесе нови работни места, зголемени странски инвестиции и долгорочен економски бенефит, иако конкретните детали и механизми останува да се видат.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека договорот, постигнат со британскиот премиер Кир Стармер, ќе овозможи најсилна економска соработка досега.
“Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство е важен за македонските граѓани. Тој ќе биде основата и фундаментот за инвестициски циклус којшто ќе има вкупна рамка од 5 милијарди фунти, односно 6 милијарда евра, при што дел од овие пари ќе бидат употребени за инвестиции во инфраструктурата, изградба на модерна карго и брза патничка железницата од Табановце до Гевгелија, инвестиции во здравството и нови болници, завршување на проектот на клиничката болница во Штип, заедно со зградата на новиот медицински факултет, студентски дом со капацитет од двестотини легла, изградба на болницата во Кичево заедно со здравствен дом, реконструкција на клиничката болница во Тетово, итн.” објави Мицкоски на прес-конференција.
Амбасадорот Метју Лосон изјави дека договорот е „врвен момент во билатералната врска меѓу двете земји, изградена на заеднички вредности, заедничко членство НАТО и мошне богата трговска врска“.
“Ние сме големи инвеститори и британската Влада реши да го надградува тоа преку договор меѓу двете влади кој се фокусира на трговија и инвестиции за да се креира поголем раст и стотици милиони фунти од кои граѓаните на оваа земја ќе имаат корист заедно со граѓаните на нашата земја”, рече Лосон.
Премиерот Мицкоски претходно најави инвестиции во инфраструктурата и здравството во вредност од неколку милијарди евра преку меѓувладин договор, кој “ќе значи повеќе од 10 проценти од БДП”. Тој во неколку наврати најави инфраструктурен бум, особено во модернизацијата на железницата на Коридорот 10.
“Со реконструкцијата на Коридорот 10 вели дека граѓаните ќе можат да користат железнички транспорт со брзина од 160 километри на час, а карго возовите најмалку четирипати побргу од сегашниот просек. Ќе можат да возат 110 километри на час, наместо, како што изјави, сегашните од 10 до 15 километри на час, во одредени делници. Со тоа очекуваме не само зголемена брзина на карго превозот која ќе транзитира низ нашата држава, туку и зголемен интерес за повеќе композиции по бројност кој секако поради побрзиот транзит ќе биде зголелемен. Очекувам да се зголеми најмалку 10 пати, двапати по основ на интерес и четири до пет пати по основ на брзина, така што во нето износ тоа да биде најмалку десет пати повеќе од ова што е денеска. И крајната цел е годишниот приход на Македонски железници од основната дејност да достигне помеѓу 100 и 120 милиони евра”, нагласи Мицкоски.
Премиерот најави и инвестиции во здравството, и барање партнер за изградба на стратешки проекти: “Продолжуваме со изградба на Клиничката болница во Штип, зграда за Медицинскиот факултет, студентски дом, болницата во Кичево, реконструкција на Клиничката болница во Тетово, инвестиции околу 190 и 200 милиони евра или во тотал заедно со реконструкцијата на Коридорот ќе натфрли бројка од две милијарди евра. Во енергетиката главен фокус ни е проектот „Чебрене-Галиште“”, изјави Мицкоски.
Договорот за стратешко партнерство, кој е резултат на повеќемесечни преговори, освен економската соработка, има за цел да придонесе за модернизација на вооружените сили, подлабока интеграција во НАТО стандардите, зајакнување на безбедноста на границите, спротивставување на трговијата со луѓе и шверцот, и соработка во областа на образованието, дигиталната трансформација и иновациите.