Со моќна порака за охрабрување, инспирација и структурни измени, Министерството за енергетика, рударство и минерални ресурси го прослави Светскиот ден на жените инженерки – 23 јуни, со специјален настан кој ги собра дамите од секторот: од студентки до стручњаци, од стажанти до професорки, од млади инженерки до докажани, влијателни жени во инженерството, се вели во денешното известување на ова министерство.
Настанот беше одржан во Министерството за енергетика.
Присуствуваа претставнички од организацијата Global engineering girls при групацијата „Лимак“, млади инженерки од Машинскиот факултет и ФЕИТ, стажанти кои практичната обука ја извршуваат во Министерството, како и искусни експертки од институциите МЕМО, МЕПСО, НОМАГАС и други тела поврзани со секторот.
„Во инженерството, како и во животот, најважно е да не се плашиш од комплексни системи. Кога влегуваш во нив со знаење, храброст и истрајност – тие се менуваат, вие ги менувате.“ А токму тоа го прават жените во енергетиката, рударството, геологијата – секој ден, истакна министерката Сања Божиновска.
Присутна беше и специјалната претставничка на Обединетите Нации во државава, Рита Колумбија, која со својата поддршка и посветеност, како што се потенцира, енергично се залага за родова еднаквост и зајакнување на улогата на жените во општеството. Во отворен разговор со присутните девојки, Колумбија го подвлече значењето на солидарноста, тимската работа и меѓусебното помагање и поттикнување како клучни елементи за остварување брзи и трајни општествени промени.
„Мора да се поддржуваме, да сме тимски играчи и да се слушаме, бидејќи само така ќе можеме брзо да ги промениме работите“, истакна Колумбија.
Во неформалната панел-сесија, учесничките разменија кратки лични искуства, моменти од кариерата и пораки до новите генерации. „Посебно внимание привлекоа изјавите на жени кои работејќи во „машки“ сектори, денес се носители на промени“, истакнуваат од Министерството.
За своите искуства со инженерството и работата во оваа професија говореа и проф. д‑р Маре Србиновска и проф. д‑р Невенка Китева од ФЕИТ, Маја Аначкова и Симона Домазетовска Марковска од Машинскиот факултет, кои се и дел од надзорните одбори на МЕПСО и ЕСМ, инженерката Емилија Сарафска, Елизабета Гиовска од МЕМО, како и Виолета Спасова од НОМАГАС.
„Нема технологија што не можеме да ја совладаме – ако имаме простор, поддршка и вистински шанса да покажеме што знаеме“, истакнаа младите инженерки кои ја испратија и клучната порака од настанот – жените не бараат привилегии, туку еднаква можност да учествуваат, придонесуваат и водат, се додава во соопштението.
Министерката Божиновска истакна дека Министерството силно ги поддржува сите иницијативи и активности за поголема поддршка за што поголем број млади жени во енергетиката и рударството. „Наша должност како институција е, не само да ги поддржиме жените во STEM, туку и активно да ја градиме средината каде тие ќе напредуваат – не како исклучоци, туку како норма“, нагласи Божиновска.
Од Министерството додаваат дека Светскиот ден на жените инженерки не е само симболично одбележување, туку потсетник дека системите не се менуваат сами од себе. „Тие се менуваат кога жените добиваат шанса да ги предводат тие промени“, се нагласува во соопштението. бд/сст/Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.