Американските власти во Минесота продолжуваат со потрагата по 57-годишниот Венс Лутер Бетлер, осомничен за убиство на демократската пратеничка Мелиса Хортман и нејзиниот сопруг, како и за повредување на сенаторот Џон Хофман и неговата сопруга.
Државното Биро за кривични истраги на Минесота соопшти дека Бетлер е висок 195 см, тежок околу 100 килограми, има кафеава коса и очи, и последен пат е забележан вчера во Минеаполис, облечен во светла каубојска шапка, темна кошула со долги ракави и светли панталони, носејќи темна торба.
“Не знаеме дали има соучесници, можно е да бил со други лица. Сакам да ги сослушаме сите што можеби биле во контакт со него,” изјави полицискиот претставник Дру Еванс.
ФБИ објави фотографија од Бетлер како стои пред домот на еден пратеник маскиран како полицаец, и понуди награда од 50,000 долари за информации што ќе доведат до негово апсење и осуда.
Бетлер живее во округот Сибли, близу градот Грин Ајл, и работи како директор за безбедносни патроли во приватна компанија. Во минатото бил генерален менаџер во синџир продавници и фабрика за храна. Во 2016 година бил назначен од тогашниот гувернер Марк Дејтон за претставник од приватниот сектор во Советот за развој на работната сила, организиран од гувернерот.
Во истиот совет членувал и сенаторот Хофман, жртвата на нападот. Засега не е јасно дали Бетлер и Хофман имале лична поврзаност.
Американските власти нападите ги окарактеризираа како “чинови на политичко насилство.”