Вршителот на должноста амбасадор во Американската Амбасада во Косово, Ана Пратипати, вчера истакна дека држава без клучни институции и со “неизвесен пат до нивно формирање не е партнер на кој САД секогаш можат целосно да се потпрат”.
Во интервју за Газета Експрес, таа изјави дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп “бара силни сојузници” со кои можат да ги унапредат заедничките приоритети и дека шансите за зајакнување на економските врски меѓу двете држави “може да бидат пропуштени ако продолжи оваа блокада”.
Пратипати нагласи дека лидерите на Косово се избрани за да ги разрешат предизвиците со кои се соочува нивната земја и дека политичката пат-позиција треба да ја надминат тие. “САД можат да обезбедат поддршка, но не можат да донесуваат одлуки наместо лидерите или народот на Косово”, изјави таа.
Со цел партнерството со САД да “процвета”, Пратипати посочи дека “Косово мора да обезбеди услови” и презентираше што може да се очекува од администрацијата на американскиот претседател. На прашањето зошто немало обид за интервенција од страна на меѓународната заедница, за да се убедат страните да формираат институции, како што беше пракса во минатото, Пратипати одговори дека Косово повеќе не е во фаза на државотворство.
Таа појасни дека “лидерите на Косово беа избрани за да ги решат предизвиците на нивната земја” и дека “тоа значи дека тие мора да работат заедно за да најдат компромис”. “Одговорност на политичките лидери е да ја решат оваа блокада. САД можат да понудат поддршка, но не можат да донесуваат одлуки наместо лидерите или народот на Косово”, додаде таа.
Таа смета дека српските политички партии во Косово ги застапуваат граѓаните на оваа држава. “Тие се дел од политичкиот пејзаж на Косово и не треба да им се забрани политичко учество”, рече таа. Според неа, сите партии треба да го почитуваат правото на народот да ги избира своите претставници. “Ова значи спречување на секаков обид за исклучување на српските партии во Косово од изборите. Користењето административни или процедурални трикови за да се спречат квалификувани партии или поединци да се кандидираат би ги оцрнило резултатите (од изборите)”, објасни таа.
Во врска со односите меѓу САД и Косово, таа напомена дека чекорите што ги зголемуваат тензиите во регионот ја отежнуваат соработката на САД со Косово. Таа изјави дека “владата во оставка на премиерот (Аљбин) Курти е одговорна за безбедноста и просперитетот на сите граѓани на Косово”.
“Особено сме загрижени за затворањето на паралелните српски институции, без координација со засегнатите заедници, како и за прогласувањето на еднострани чекори за преместување на образованието и здравствената заштита во косовскиот систем”, подвлече таа. “Не го доведуваме во прашање тоа дека овие институции на крајот треба да се интегрираат, но начинот на кој тоа ќе се направи е клучен”, заклучи Пратипати.
зш/ .