Почетна ЕкономијаМерц: Ќе сторам сѐ „Северен тек 2“ да не проработи повторно

Мерц: Ќе сторам сѐ „Северен тек 2“ да не проработи повторно

од nenad
3 минути читај за

Германскиот канцелар Фридрих Мерц обелодени дека ќе стори сѐ што е во негова надлежност да се погрижи гасоводот „Северен тек 2“ да не биде повторно ставен во функција, пренесе денес бриселскиот портал „Политико“.

Мерц изјави дека тоа ќе „ја ослабне воената машинерија на Москва и ќе го отвори патот за преговори“.

Бриселскиот портал потсетува дека Мерц неодамна, на заедничка прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Берлин, нагласи дека тогаш ќе може да се постигне крај на војната, „бидејќи армијата во Русија нема да биде толку силна или добро финансирана од руската влада“.

Еден од двата гасоводи „Северен тек 2“ е сѐ уште оперативен и покрај експлозијата во 2022 година.

Експлозијата во септември 2022 година, која ги прекина снабдувањата со гас, сѐ уште е под истрага, иако извештаите ја поврзуваат експлозијата со украински државјани.

Гасоводот „Северен тек“ подолго време претставува извор на затегнатост меѓу Германија и Украина, при што украинските официјални лица тврдат дека набавката на евтин руски гас од страна на Германија го поттикнала рускиот претседател Владимир Путин и помогнала во финансирањето на воената машинерија на Москва.

Одредени германски политичари, вклучувајќи ги и оние од конзервативната Христијанско-демократска унија на Мерц, меѓу кои и премиерот на Саксонија, Михаел Кречмер, инсистираа на реактивирање на гасоводот „Северен тек“ за подобрување на дипломатските односи со Москва и редуцирање на цените на енергијата во Германија во услови на економска стагнација, информира бриселскиот портал.

Гасоводите „Северен тек“, кои претходно транспортираа гас од Русија до Германија преку подводни цевководи под Балтичкото Море, беа разнесени во очигледен чин на саботажа кон крајот на 2022 година. Оттогаш, дел од германските политичари го поддржаа повторното воспоставување на протокот на природен гас.

Владата на канцеларот Фридрих Мерц ги разгледува правните опции, вклучително и засилени мерки за проверка на инвестициите, со цел да спречи какви било идни обиди за рестартирање на гасоводот „Северен тек“ што ги поврзува Германија и Русија, објави во петокот „Фајненшл тајмс“.

Берлин размислува за законски измени во своите закони за проверка на инвестициите за да ги опфати промените во сопственоста што би можеле да водат кон реактивирање на гасоводот „Северен тек“, а како одговор на прашањата од пратениците на Зелената партија, Министерството за економија ги потврди тековните дискусии за потенцијалните измени во законот.

Според германскиот закон, Берлин може да ги блокира промените во сопственоста што вклучуваат инвеститори надвор од ЕУ во клучна инфраструктура доколку трансакцијата се смета за „закана за јавниот ред или безбедноста на Германија“.

Сепак, бидејќи компанијата што управува со гасоводот „Северен тек“ е со седиште во Швајцарија, која е дел од Европската асоцијација за слободна трговија, преземањето нема да биде предмет на преглед на инвестициите според сегашните правила.

Без законски измени, улогата на Германија би била ограничена на издавање технички сертификати доколку се случи реактивирање на гасоводот, но нема надлежност поинаку да го блокира.

„Фајненшл тајмс“ во март објави дека Москва ангажирала близок пријател на рускиот претседател да ги рестартира испораките на гас за Европа преку „Северен тек“, со поддршка на американски инвеститори.

Американскиот инвеститор Стивен Линч, кој го истражува реактивирањето на гасоводот „Северен тек“, се сретна со претставници на германското Министерство за економија на 6 мај, објави германскиот весник „Цајт“.

Сепак, како одговор на прашање од пратениците на Зелените, германското министерство изјави дека не е одржан состанок на високо ниво и дека тоа било само рутинска размена на информации со луѓе кои имаат експертиза во ова прашање.

Добро информиран извор изјавил дека инвеститорот верува оти Европа на крајот би можела повторно да купи руски гас и тврдел дека само еден гасовод ќе треба да се обнови за да се задоволи европската побарувачка за овој енергенс.