Почетна ЕкономијаМерката Млад земјоделец: 117 апликанти, операционализација по изборите

Мерката Млад земјоделец: 117 апликанти, операционализација по изборите

од nenad
1 минути читај за

За субвенцијата Млад земјоделец има 117 заинтересирани страни за приближно 70 милиони денари, а ќе започне да се применува по завршувањето на локалните избори, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

На прашање од новинар, Мицкоски истакна дека Млад земјоделец е исклучително важна мерка и оти бројот на заинтересирани страни е повеќекратно зголемен во споредба со 2023 година.

“Поради изборните ограничувања не сме во можност да ја промовираме таа мерка, иако огласот е завршен, филтерот е направен, 117 корисници, апликанти, за околу 70 милиони денари. Многу значајна мерка.”

Можеби бројката 117 не изгледа импресивно, но ако се земе предвид дека во 2023 година од 44 заинтересирани страни имавме само 18 корисници, тогаш станува збор за повеќекратно зголемување.

“Веднаш по завршување на локалните избори, кога нема да ги имаме ограничувањата, и формално ќе биде ставена во функција оваа мерка,” изјави Мицкоски по увидот на градежните активности за нова градинка во населбата Потстаница во населбата Драчево во општина Кисела Вода.

Корисници на оваа мерка се млади лица кои за прв пат почнуваат да се занимаваат со земјоделска дејност преку преземање на постоечко земјоделско стопанство или преку формирање на ново земјоделско стопанство.

Финансиската поддршка се доделува на млади земјоделци на возраст од 18 до 40 години кои поднеле барање не подоцна од 18 месеци од денот на запишувањето на новото земјоделско стопанство или промената за истото во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Доделената финансиска поддршка е неповратна дотација од 600.000 денари, односно 100 проценти од направените трошоци.

Исто така, финансиска поддршка може да се додели во вид на авансна исплата до 40 проценти од вкупната вредност на одобрениот износ, а остатокот се исплаќа по реализација на инвестицијата.

лв/са/фото: МИА архива .

Извор: МИА