Почетна ЕкономијаМеморандум за соработка потпишаа Царинските управи на Македонија и Хрватска

Меморандум за соработка потпишаа Царинските управи на Македонија и Хрватска

од nenad
2 минути читај за

Раководителот на Царинската управа, Бобан Николовски и неговиот хрватски колега, директор на Царинската управа на Република Хрватска, Марио Демировиќ, ставија потпис на Меморандум за соработка.

Овој чекор, според зборовите на Николовски, отвора ново поглавје во економските односи и недвосмислено ја потврдува посветеноста кон евроинтеграциските процеси и продлабочувањето на соработката во клучни области за забрзување на економскиот напредок и зајакнување на безбедноста на меѓународно ниво.

По неговите наводи, Спогодбата се склучува во период кога македонската царина спроведува значајни реформи насочени кон побрза интеграција во ЕУ. Хрватското искуство во оваа насока се покажува како непроценливо и ќе биде од голема помош за успешен премин кон целосно интегрирање во европскиот царински систем.

„Во кругот на земји-кандидати од Западен Балкан, стремиме Македонија да биде препознаена како предводник во модернизацијата на царинското работење, дигитализацијата и примената на европските стандарди. Не само на зборови, туку преку остварени резултати. За таа цел, ќе црпиме од хрватското искуство, ќе ги усвојуваме најдобрите практики и ќе ги адаптираме на нашите специфични услови. Сепак, оваа соработка не е еднонасочна“, истакна Николовски.

Тој додаде дека од македонска страна, искуството со регионалните трговски текови и улогата во поврзувањето на пазарите на Западен Балкан претставуваат дополнителна вредност за заедничката борба против прекуграничниот криминал и за олеснување на легалната трговија.

„Затоа денес не станува збор само за размена на искуства. Зборуваме за партнерство кое треба да донесе конкретни придобивки за двете страни. Хрватска добива посилен и посигурен партнер во регионот, додека Македонија добива знаење, искуство и поддршка на патот кон ЕУ. Нашите компании ќе имаат подобри услови за трговија, а нашите граѓани ќе добијат нешто што е крајна цел на секоја успешна реформа – институции кои работат побрзо, поефикасно и побезбедно. Оттука, верувам дека денешниот Меморандум нема да остане само обичен документ“, нагласи директорот.

Тој додаде дека Меморандумот ќе се вреднува според тоа колку побрзо се решаваат проблемите, колку се намалуваат чекањата на границите, колку повеќе шверц се открива и колку побрзо царинските процедури се приближуваат до европските. „Нашата цел е границата да претставува место за безбедносна проверка, а не точка каде се губи времето“, заклучи Николовски.

Директорот Демировиќ нагласи дека целта на стратешката соработка, воспоставена со потпишувањето на Меморандумот, е поефикасно сузбивање на нелегалните активности и забрзување и поедноставување на царинските постапки за македонските стопански субјекти.

„Министерството за финансии и Царинската управа на Република Хрватска донесоа одлука за стратешка соработка со македонската Царинска управа, насочена претежно кон соработка со стопанството. Целта на нашата стратешка соработка, освен поефикасно справување со незаконските дејствија и зајакнување на оперативната соработка во надзорот на прекуграничната трговија со стоки, е во значајна мера и забрзување и поедноставување на царинските процедури за македонските економски оператори“, истакна Демировиќ.

Тој појасни дека дополнително, цел на соработката е и пренос на сите информации и податоци од областа на законодавството и практиката во Европската Унија кои спаѓаат во царинска надлежност, како и на информатичката технологија во царинската сфера, со цел да се зајакне ефективната соработка и врските меѓу двете земји.

мч/са/
фото: Царинска управа

Извор: МИА