Лидерите на верските заедници од земјава, денеска, по иницијатива на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи на Македонија (КОЗРГ), потпишаа Декларација на верските лидери во Република Македонија против насилен екстремезам. На потпишувањето беше посочено дека верските заедници се меѓу клучните чинители за превенција и спречување на насилниот екстремизам, бидејќи нивното присуство и активностите со верниците можат да бидат од голема полза во зајакнувањето на заедниците како целина.
Потписници на Декларацијата се архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан, реисот на Исламската верска заедница Шаќир еф. Фетаху, скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов, суперинтендентот на Евангелско – методистичката црква Марјан Димов, претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви, како и директорката на КОЗРГ Оливера Трајковска и директорот на МЦМС Александар Кржаловски.
Post Views: 11