Некои историски настани фрлаат сенка што се пренесува со генерации – геноцидот во Сребреница е еден од нив, кој е меѓу најмрачните поглавја во колективната меморија на Европа, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен по повод 30-годишнината од масакрот во Сребреница.
Поминаа 30 години од овие злосторства. Денеска, сакам да им оддадам почит на повеќето од 8.300 бошњачки момчиња и мажи кои беа убиени и на оние кои се уште се водат како исчезнати. Бидејќи некои од последните жртви на Сребреница се погребани со достоинство, им оддавам почит и на мајките, сопругите и ќерките кои продолжуваат да тагуваат, носејќи ја тежината на загубата во текот на три децении, се наведува во писмената изјава на Фон дер Лајен.
Според неа, должност на денешните генерации е да се сеќаваат и да ја зачуваат вистината за Сребреница, со цел идните поколенија точно да знаат што се случило.
Тие мора да знаат дека во летото 1995 година, жртвите беа систематски погубени и закопани во масовни гробници во рамките на „безбедната зона“ на Сребреница, одредена од ОН. Град за кој веруваа дека ќе ги заштити во бруталната војна што ја уништуваше Босна и Херцеговина. Европската унија никогаш нема да заборави што се случи во овој град. Го признаваме нашето минато и ја признаваме нашата одговорност за тоа што не успеавме да го спречиме и запреме геноцидот, додава Фон дер Лајен.
Таа нагласува дека ЕУ нема никогаш да дозволи менување на историјата и цврсто ги отфрла и осудува секое негирање, искривување или минимизирање на геноцидот во Сребреница, како и глорифицирањето на воените злосторници.
Политичките лидери имаат голема одговорност во тој поглед, особено во Босна и Херцеговина и низ целиот Западен Балкан. Тие мора да бидат пример во признавањето на утврдените факти и искрено давање почит на жртвите и мора активно да работат на помирување преку соочување со корените на омразата што доведоа до овие злосторства. Ова е единствениот пат кон посветла и просперитетна иднина за следната генерација, истакнува претседателката на Еврокомисијата.
Таа додава дека во исто време сака да им порача на луѓето на Босна и Херцеговина дека Европската Унија е со нив.
Post Views: 4
Извор : vesnik-ilinden.com