Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, во Стразбур ја потенцираше нужноста од почитување на меѓународното право при разгледување на потенцијалната употреба на руски средства за поддршка на Украина.
Коментирајќи ги постојаните напори на ЕУ да пронајде начини за користење на делови од проценетите 210 милијарди евра руски суверени средства замрзнати на Запад по инвазијата на Украина, Лагард изјави: “Секоја предложена шема мора да биде во согласност со меѓународните правила, да се обезбеди почитување на принципите на законитост на финансиската и геополитичката сцена”. Таа ова го изјави за време на средбата со европските парламентарци во Стразбур.
Дополнително, Лагард подвлече дека ЕУ мора да ја искористи “единствената можност” да ја замени доминацијата на американскиот долар и да ја зацврсти улогата на еврото на светската сцена.
“Сегашната геополитичка нестабилност им дава на креаторите на политиките на ЕУ единствена можност да ја зајакнат улогата на еврото на глобалната сцена. Светот е во транзиција. Геополитичките промени и зголемената политичка неизвесност нè потсетуваат дека глобалната позиција на која било валута не е загарантирана. Таа мора да се заработи”, нагласи претседателката на ЕЦБ.
Таа додаде дека “поглобално” евро би им овозможило на бизнисите, домаќинствата и владите во зоната на единствена валута од 20 земји да имаат корист од намалените трошоци за позајмување, “исто како што глобалната побарувачка за средства во долари му даде на Вашингтон непотребна привилегија на постојано ниски каматни стапки и покрај годините на растечки буџетски дефицити”.
За да се оствари ова, додаде таа, “Европа мора да си ја заврши домашната задача и да ги зајакне своите темели” преку интегрирање на пазарите на капитал, зачувување на независноста на централните банки, продлабочување на трговските врски со трети земји, развивање на “дигитално евро” кое не зависи од американската инфраструктура за плаќање и издавање на “безбеден и ликвиден фонд за јавен долг на ЕУ”.
“Еврото може да биде повеќе од валута на континентот и симбол на единство; може да стане глобално сидро на доверба”, истакна Лагард и додаде дека креаторите на политиките на блокот треба да помогнат “да се претвори таа визија, тој сон во реалност”.
јт/Фото: ЕПА.
Извор: МИА