Земјоделци од цела Грција денеска се собираат во областа Никеа, во близина на Лариса, за да утврдат која делегација ќе се упати на средба со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во Атина. Тие исто така ќе ги дефинираат темите и барањата што ќе бидат претставени на состанокот закажан за вторник, како што јави дописничката на МИА од Атина.
Откако владиниот портпарол во четвртокот упати нова покана до земјоделците, која беше прифатена, Мицотакис ќе ја прими делегацијата во Премиерската палата во вторник.
Владата истакнува дека е отворена за разговор, но дека нема можност за воведување нови мерки за помош. Сепак, постојат два услови за средбата со грчкиот премиер: прво, делегацијата на земјоделците мора да ги претставува сите групи од целата земја, и второ, состанокот треба да се одржи со отворени патишта.
Според земјоделците, тракторите ќе останат стационирани на автопатиштата, односно таму каде што се наоѓаат од 30 ноември. По средбата со грчкиот премиер, тие ќе се вратат на своите блокади за да го анализираат исходот и да одлучат дали ќе ги продолжат протестите или ќе се откажат.
Во врска со граничниот премин Евзони кон нашата земја, кој последниве два дена беше затворен во временскиот интервал од 17 до 23 часот по македонско време (18 до полноќ по локално време), можно е денеска попладне земјоделците да воведат шестчасовна блокада за влез и излез од Грција за сите видови возила – товарни, автомобили и автобуси. Не е исклучена ниту можноста ваквите дејства да продолжат до вторник, кога е закажана средбата со Мицотакис.
Протестите на грчките земјоделци започнаа на 30 ноември и траат повеќе од 40 дена, со секојдневни блокади на повеќе локации низ целата земја.