Кривична пријава е поднесена против полициски службеник А.Т. од Охрид осомничен за сторено кривично дело малтретирање во вршење на службата.
Пријавата до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ја поднел Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи.
„Пријавениот во својство на полициски службеник во Полициската станица Охрид, при преземање службени дејствија, неосновано и прекумерно употребил физичка сила над К.Н. од Охрид“,соопштија од МВР.Оттаму велат дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе поднесе и предлог за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност, а полицискиот службеник ќе биде суспендиран од своето работно место до завршување на постапката.