Европската Унија може да го ускрати пристапот на Србија до средства од пакетот од 1,6 милијарди евра, составен од заеми и грантови. Оваа одлука би можела да биде донесена откако Белград донесе закони кои „го поткопуваат верувањето“ во неговата посветеност кон владеењето на правото, истакна комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, според информациите од српските медиуми.
„Тие измени ја ослабуваат довербата. Станува сè потешко за оние во Брисел кои се подготвени да го поддржат напредокот на Србија да ги бранат своите позиции“, изјави Марта Кос.
Таа додаде дека Европската комисија (ЕК) ја преиспитува финансиската поддршка за Србија во рамките на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан. Целта на овој план е да се усогласи регионот со европските стандарди и на крајот да се овозможи пристапување на земји како Србија во Унијата.
На Србија ѝ се наменети 1,6 милијарди евра во форма на заеми и грантови преку оваа програма. „Тие (средства) се условини со одредени предуслови кои се однесуваат на владеењето на правото“, потенцираше таа.
Србија ги започна официјалните преговори за членство во ЕУ во 2014 година.
Министерството за правда на Србија соопшти дека новите законски одредби ќе придонесат за поголема ефикасност на правосудниот систем преку поедноставување на процедурите за донесување одлуки.
По добивањето на негативни реакции, Србија побара стручно мислење од Венецијанската комисија, која претставува советодавно тело од експерти за уставно право во рамките на Советот на Европа.
„По објавувањето на нивната оценка, очекуваме дека овие закони ќе бидат соодветно изменувани“, додаде Марта Кос, чија изјава денеска беше пренесена од српските медиуми.