Почетна ЕкономијаКога ќе стигнат првите електрични автобуси и воспоставувањето на градскиот железнички превоз во Скопје?

Кога ќе стигнат првите електрични автобуси и воспоставувањето на градскиот железнички превоз во Скопје?

од nenad
2 минути читај за

Првите 30 од вкупно 150 електрични автобуси што ги набавува државата се очекува да пристигнат во Северна Македонија во декември годинава или во јануари следната година. Целокупната набавка, според најавите на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, треба да биде реализирана во рок од околу година и половина.

Николоски информираше дека во постапката за јавната набавка била поднесена една жалба, но таа денеска била отфрлена од Второстепената комисија за жалби по јавни набавки, со што се отвора патот за продолжување на постапката.

Говорејќи за инфраструктурните проекти, министерот се осврна и на изградбата на автопатската делница Охрид-Кичево. Според него, градежните работи се очекува да бидат завршени во првиот квартал од 2027 година.

Точниот месец, како што објасни Николоски, ќе зависи од временските услови во текот на зимата, особено поради планинскиот терен на кој се изведуваат работите.

„Ако е блага зима, можеби јануари, ако е остра зима можеби ќе почекаме до март затоа што се работи за планински терен“, рече Николоски, додавајќи дека за овој проект веќе се зборува во рамки на месеци до завршување, а не во години.

Тој најави дека по целосното завршување на автопатот ќе бидат презентирани и информациите за проблемите со кои се соочиле институциите во изминатите две години при реализацијата на проектот.

Во меѓувреме, во фокусот на Министерството за транспорт е и воспоставувањето на градскиот железнички превоз во Скопје. Николоски најави координација со „Железница“, Град Скопје и ЈСП, на која треба да се утврдат возните редови за линијата која е планирано да започне со работа од 1 септември.

При креирањето на возниот ред ќе се земат предвид потребите на средношколците и студентите. Градежните работи се во завршна фаза, а до 21 август треба да се изврши технички прием на линијата која ќе ги поврзува Зелениково, Драчево, Лисиче, Аеродром, Кисела Вода и железничката станица.

За градскиот железнички превоз се предвидува користење на најновите возови, со најмалку три гарнитури – две електрични и една дизел.