Развојната банка ја префрли втората рата во вредност од 74 милиони евра на деловните банки, за проекти на 248 фирми од кредитната линија за инвестиции и просперитет.
Според информациите од Развојната банка, најголем дел од сумата на ратата, поточно 62 проценти, е предвидена за мали компании за остварување на 153 одобрени проекти.
“По однос на структурата на дејности, 96 проекти се од областа на производството, 27 проекти за градежништво, 61 проект за трговија, 38 проекти за поддршка на транспортот, 9 за хотели и угостителство, 12 за услуги и 5 проекти за останати дејности на компаниите.”
Македонските компании од оваа рата ќе инвестираат 28 милиони евра во опрема, 36 милиони евра во градежни вложувања, 7 милиони евра за обновливи извори на енергија и 3 милиони евра во транспортни возила, се наведува во соопштението.
Од таму додаваат дека Развојната банка продолжува посветено да работи како и досега на реализација на преостанатите рати од кредитната линија наменета за инвестиции и развој на домашните компании.