Ден за ден дојде и среда. Се мислев по кој пат да фатам во новата колумна па си реков, дур Пеер браќата лутаат низ убавините на провинцијата и се гушат во свежината на природата и гастрономските лудила на локалците пренесувани од прабаба на чукун-внука се решив да ви раскажам за „градскиот и селскиот домаќин.“
Народната вели гледај си за својот двор, а и така е ако го имаш. Тие што го имаме во провинцијата сме мамка за „туристите“ од Скопје. Иако ти се далечни роднини тие редовно се тука во провинцијата, од три месеци три недели си тераат одмор со сите нишани. Ти дошле мора да ги пречекаш, како се вели, кој со што има и како милува.
Ние Провинцијалците сме мирни и кротки луѓе. Многу пати реков дека уште неродени сме задоени дека тетка Маре мора 10 пати да ја поздравиш во денот, така било културно, а и дете си ти, нема врска што твоите со цела нејзина фамилија се скарана 20 години за половина метро на нивата. Не може да си од провинција, а да немаш домашна ракија, вино, бело сирење, куп разноразни домашни зимници и слатка од јагоди, капини, малини по рецептура од тефтерот на баба ти. Штосот е тоа што кога се спрема било што од ова е вклучено цело маало, кој помага на правењето кој на дегустацијата. Тој што не можел да дојде ќе проба дома, ќе му однесе првата сосетка.
И така ние научени да споделиме се што имаме со секого кога ќе дојдат метрополците исти сме и со нив, дури „полоши“. Да се покажеме кој што и колку има со денови и недели ќе спремаме гозби, ќе се врти скара и некое јагне, а на испраќање да не биде сув поздравот на метрополските роднини ќе натовариме и канта домашно сирење.
Провинцијалецот ја полни софрата и не се жали дека во провинцијата нема работа. Провинцијалецот ќе ги откаже сите ангажмани само да ги угости метрополците, ќе ги шета по имотот, ќе ги однесе в село да ја видат куќата за која толку мечтаат ама шајка со години не фрлиле на неа затоа што ја реновираат гарсоњерата со години. Згора на тоа Провицнијалецот ќе биде и искаран од Метрополецот, требало да дојде да го среди дворот, да вароса… Никој не го прашува дали сака, но и дали може. Провинцијалецот е толку домаќин што својот автомобил ќе го извади од дворот и ќе го остави тука некаде на тротоар, на никого не му света – никој не поминува, за гостинската да е на сигурно.
Поврзани објави
Во таквите дружби се заборава кој од каде е, време е за воодушевување на мирот и спокојот, зеленилата, жуборот на реката и песната на славејот од столетните дрва. Арно ама кога Провинцијалците ќе дојдат до „државна“ е баш тогаш метрополците се на состаноци, станот експресно се тесни, а ако се најде место за дружба е тогаш колку поголем е Метрополецот толку пофенси е гозбата. Истиот оној далечен роднина во метрополата, прв братучет во провинцијата, на неколку чачкалици ќе нареди по некое ливче саламче, кашкавалче… ракија или вино ќе се пие од тоа што си си го донел, да се пробало. Изгледа таков е адетот кога се оди во провинција.
Кога си во метрополата сам мисли му ја каде и како ќе одиш да прошеташ. Метрополецот и да е слободен тој не може со кола да те развезува, гужва е во градот, а и паркингот е скап. Што ќе ти е автомобил, си велиш, ќе одиме пеш. И таман ти спремен да тргнеш Метрополецот ти вели тоа е далеку… Сфаќаш дека ова не е провинција, седи си со пивце и кикирики на балкон, важно на гости те примиле. Биди тивок и мирен, проблематични се соседите… Не е ова Провицијата, секој со секого да се знае и свој раат в двор да си реди.
Сакал не сакал ќе поседиш три дена и ќе си одиш во слатката провинција со наполитанка под рака. Не за џабе рекле: Што си дробел тоа и ќе сркаш. Важно со празни раце не се врати назад…
Пишува: Провинцијалецот
Фото: pexels / принтскрин