Трагичен инцидент се случи во Ванкувер, Канада, кога возило удри во толпа народ на уличен фестивал. Според полициските извори, има неколку смртни случаи и голем број повредени, но точниот биланс на жртвите сè уште не е прецизиран.
Во службено соопштение, полицијата информираше дека на самото место е уапсен 30-годишен жител на градот, поврзан со овој настан.
Инцидентот се случил синоќа, во близина на пресекот на улицата „Фрејзер“ и Источна 41-ва авенија, како што објави канадската телевизиска мрежа Си-Би-Си. Според информациите на Глобал њуз, „осум лица загинале кога автомобил влетал во луѓе кои присуствувале на уличен фестивал во Ванкувер вчера вечерта, а најмалку шест се повредени“. Сепак, полицијата официјално не ја потврди оваа информација.
Вршителот на должност шеф на полицијата во Ванкувер, Стив Раи, изјави дека 30-годишниот осомничен е приведен на лице место и дека во инцидентот учествувале „еден осомничен и едно возило“. Тој додаде дека би било неправедно да се шпекулира за прецизниот број на жртви, бидејќи повредените се пренесени во различни болници во регионот, истакна Раи на прес-конференција.
На трагичниот настан реагираа и официјални лица. Канадскиот премиер Марк Карни изјави дека е „длабоко потресен“ откако слушнал за „страшниот настан“ на фестивалот во Ванкувер. Градоначалникот на Ванкувер, Кен Сим, за Си-Би-Си изјави дека е „шокиран и длабоко тажен“ од „страшниот инцидент“ на фестивалот. Премиерот на канадската провинција Британска Колумбија, Дејвид Иби, на платформата Икс изрази дека е „шокиран и со скршено срце“ откако слушнал за смртните случаи и повредените на фестивалот во Ванкувер.
Полицијата најави дека ќе излезе со подетални информации за инцидентот и напредокот на истрагата во текот на денот.
паг/Фото: ЕПА