Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на законските измени со кои се овозможува имплементацијата на системот „Безбеден град“. Иницијативата е поднесена пред системот официјално да започне со работа.
Според Села, измените на Законот за прекршоци биле донесени по скратена постапка, без соодветна јавна дебата и без поширока институционална анализа, иако станува збор за решение што директно ги засега сите граѓани. Тој смета дека ваквиот начин на носење на законските измени ја нарушува уставната процедура и принципот на правна сигурност.
Во иницијативата се посочува и дека системот „Безбеден град“ нема да се применува подеднакво на целата територија на државата, што, според Села, отвора прашања за еднаквоста на граѓаните пред законот. Дополнително, како проблем се наведува и можната неусогласеност со Законот за употреба на јазиците, особено во делот на известувањата и комуникацијата со граѓаните.
„Безбеден град“ е проект кој предвидува автоматско евидентирање и санкционирање на сообраќајни прекршоци преку мрежа на камери и технички уреди, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на бројот на сообраќајни незгоди.
Сега останува Уставниот суд да одлучи дали ќе поведе постапка за оценување на уставноста на спорните законски одредби, по што ќе следува и конечна одлука за иднината на проектот „Безбеден град“.