Континуиран пораст на движењето на патници се забележува на граничниот пункт „Блато“ на македонско-албанската граница, близу Дебар.
Според официјални лица од албанската гранична служба, само вчера биле регистрирани 7,468 патници, што претставува највисока бројка забележана во текот на едно деноноќие.
„Поради екот на туристичката сезона протокот на патници се зголемува секојдневно.“
Од граничната полиција изјавија: „По вчерашниот рекорден проток, денеска очекуваме уште поголем број на патници и возила“.
Тие додадоа дека полициските и царинските службеници се целосно ангажирани со цел да обезбедат ефикасна, пријателска и професионална услуга за секој граѓанин и посетител кој влегува или излегува од албанска територија.
Минатиот викенд, на 2 и 3 август, преку овој премин, кој се наоѓа на четири километри од градот Дебар, според податоците на македонското МВР, поминале вкупно 13,603 патници, од кои 4,562 биле македонски, а 9,041 странски државјани.
Во првата половина од годинава е забележана историски најголема посетеност од отворањето на граничниот премин во 1992 година.
За шест месеци поминале 574,737 патници, што е за 55 проценти повеќе во споредба со истиот период од претходната година, кога биле регистрирани 370,827 патници.
вт/бк/Фото: МИА
Извор: МИА