Помошникот директор на Царинската управа, Марјан Тасевски, почина.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, преку својот Фејсбук профил изрази дека тој бил извонреден професионалец, посветен на својата работа.
“Со голема тага се простуваме со голем професионалец, помошник директор на Царинската управа, Марјан – смирен, скромен и посветен, кој секогаш работеше со срце и знаење. Неговото ненадејно заминување е голема загуба и за институцијата и за сите нас кои го познававме. Пред една недела посветено до доцна во ноќта работеше на последните измени на Уредбата за спроведување на царинскиот закон. Но не само последните измени. Со месеци работевме заедно. Ќе го паметам како тивок човек кој имаше свој став и не отстапуваше. Како што тивко влегуваше во мојот кабинет, така тивко и не напушти. И покрај олујата која беснеела во него не слушнавме ни оф да каже. Нека ти е светол патот драг Маријан. Криво ми е што не успеав да ти кажам колку многу ти верував и колку многу ми значеше што имав во својот тим таков човек како тебе, полн со знаење, искуство и пред се став и достоинство,” напиша Димитриеска Кочоска.
Министерката Димитриеска-Кочоска упати најискрено сочувство до неговото семејство.
нд/ац/Фото: Фејсбук Гордана Димитриеска Кочоска .
Извор: МИА