Почетна ЕкономијаЖичарата на Водно се реконструира, еве кога ќе биде пуштена

Жичарата на Водно се реконструира, еве кога ќе биде пуштена

од nenad
1 минути читај за

Жичарата на Водно ќе биде подложена на темелна реконструкција, откако техничката проверка покажала потреба од сериозни зафати на системот.

По преземањето на функцијата, Град Скопје побарал стручна проценка од австриската компанија „Допелмајр“, која го изработила системот. При контролата биле констатирани оштетувања на носечките и влечните сајли, како и проблеми со безбедносниот систем.

Според утврдената состојба, три од четирите сензори задолжени за следење на движењето на кабините не функционирале исправно. Поради тоа, жичарата е ставена надвор од употреба додека не завршат неопходните поправки и проверки.

Реконструкцијата ќе ја реализира „Допелмајр“, со употреба на оригинални резервни делови и ангажман на специјализиран тим. Планирана е и дополнителна обука за вработените кои го одржуваат системот.

Како дел од мерките е предвидено да се воведе задолжителен годишен генерален преглед и ремонт, со редовна проверка и замена на критичните компоненти.

Од Градот нагласуваат дека жичарата е во употреба во текот на целата година, поради што системот бара редовно и навремено сервисирање за да се обезбеди сигурно функционирање.

По завршувањето на реконструкцијата, жичарата ќе помине низ серија технички и безбедносни тестови. Повторното пуштање во употреба ќе биде можно откако ќе бидат завршени сите проверки и ќе биде издаден соодветен сертификат за безбедност.

Според најавата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, тој лично ќе биде на првото тест-возење, заедно со директорот на ЈСП и неговите деца.

Реконструкцијата треба да заврши до крајот на ноември, по што, доколку бидат исполнети сите услови и успешно заврши сертификацијата, жичарата би можела повторно да превезува граѓани и туристи во зимскиот период.

Работењето ќе зависи и од временските услови. При силен ветер и други неповолни метеоролошки услови, системот нема да биде во функција.