По контроверзното патување во САД, откако му беше отстранета забраната за патување, влијателниот Ендрју Тејт се јави во полициската станица во Романија.
Пред полициската станица во Волунтари, предградие на Букурешт, 38-годишниот Тејт рече: „Среќен сум што се вратив во Романија. Ова е мојот дом, многу ја сакам Романија. Ќе останам тука во наредните недели, освен ако не одлучам поинаку.“
Тој и неговиот брат Тристан Тејт (36) се предмет на истрага во Романија, каде се соочуваат со обвиненија за трговија со малолетници, сексуална експлоатација и перење пари – тврдења кои категорично ги отфрлаат, како што објави Скај Њуз. Во посебен случај, романските обвинители ги обвинуваат браќата за формирање злосторничка група за сексуално искористување на жени. Овој случај неодамна беше вратен на обвинителите за дополнително разгледување.
Браќата Тејт се соочуваат со правна акција не само во Романија, туку и во Велика Британија и САД. Се очекува по завршувањето на романската истрага да бидат екстрадирани во Велика Британија. Полицијата во Бедфордшир, Англија, издаде европска потерница за нивно апсење, поврзана со посебни обвиненија за силување и трговија со луѓе, кои датираат од 2012 до 2015 година. Тејтови ја негираат вината.
Дополнително, во Флорида, САД, неодамна е поднесена тужба против браќата, во која се тврди дека присилувале жена да работи во секс индустријата, ја измамиле да дојде во Романија и потоа ја клеветеле по нејзиното сведочење. Американските власти, наводно, отвориле истрага за браќата Тејт по нивното пристигнување во Флорида. Државниот обвинител Џејмс Утмајер потврди дека има „активна прелиминарна истрага“ против нив.
Браќата Тејт, кои се двојни државјани на Велика Британија и САД, се познати по своите спорни и често мизогини ставови кои се доста популарни на платформите на социјалните мрежи како ТикТок и X (поранешен Твитер).
ссм/фото: архива.
Извор: МИА