Почетна ЕкономијаЕК предлага редукција на квотите за увоз на челик во ЕУ од трети земји

ЕК предлага редукција на квотите за увоз на челик во ЕУ од трети земји

од nenad
2 минути читај за

Европската комисија претстави предлог за одбрана на металуршката индустрија во ЕУ од последиците на прекумерното светско производство на челик, со цел да се гарантира долгорочна одржливост на овој стратешки важен сектор.

Со новите мерки, предложени врз основа на Акциониот план на ЕУ за челик и метал, се планира лимитирање на количините на увоз на челик во ЕУ без давачки на ниво од 18,3 милиони тони годишно, што претставува 47 проценти во споредба со квотите од 2024 година, зголемување на царината за увоз над квотата од сегашните 25 на 50 проценти и зајакната контрола на пазарите на челик со цел да се спречи заобиколувањето на овие мерки.

Еврокомисијата нагласува дека предложените мерки се комплетно во согласност со Светската трговска организација (СТО), како и дека царинските квоти или обврски нема да важат само за Норвешка, Исланд и Лихтенштајн.

Во врска со Украина, пак, ЕК укажува дека при одлучувањето околу квотите мора да се има предвид и исклучителната безбедносна состојба во државата, но притоа и да се води сметка за поткопување на ефикасноста на мерките.

Предлог-мерките, кои ќе треба да го заменат тековниот механизам за заштита на челикот што завршува во јуни 2026 година, се креирани врз основа на консултации со претставници на работниците, металуршката индустрија, одредени земји членки, европратеници и други засегнати страни.

Целта на консултациите е континуирана заштита на металуршката индустрија на ЕУ, сочувување на работните места во неа и поддршка на нејзините напори за декарбонизација.

“Презаситеноста на капацитети на челик е глобален проблем што бара силна, вистинска и заедничка акција од сите партнери”. Комисијата ќе продолжи да ги води меѓународните напори за изнаоѓање колективни решенија за ефикасно справување со основните причини за глобалниот прекумерен капацитет, соопшти ЕК.

Во тој контекст, Комисијата ги повикува земјите кои имаат слични размислувања како и ЕУ, да работат заедно со неа со цел да ги одбранат своите економии од светскиот вишок на капацитети и истовремено да обезбедат поголем заеднички пристап до пазарот.

За да биде усвоен, предлогот треба да ја помине вообичаената законодавна процедура на ЕУ, односно да биде поддржан во Европскиот парламент и одобрен од Советот на ЕУ со квалификувано мнозинство.

Во следната фаза од постапката за усвојување на мерките ќе биде инициран т.н. „тријалог“ меѓу ЕП, Советот на ЕУ и ЕК за усогласување на нивните гледишта околу предлогот, во текот на кој се можни измени на некои одредби.