Зголемениот процент на масти околу стомакот воопшто не е добар за организмот
Вишокот стомачни масти не само што се непријатни, туку за многу луѓе претставуваат и извор на фрустрации, бидејќи не можат толку лесно да се ослободат од нив.
Во време кога секаде околу нас има ресторани за брза храна, грицки и газирани пијалаци, тешко е да се остане дисциплиниран.
Некои едноставни вежби можат да помогнат во борбата против тоа. Но покрај физичката активност, важна е и здравата, нискокалорична исхрана.
Според Германското здружение за гојазност, висцералните маснотии, кои се складираат во стомачната празнина, покренуваат хронични воспаленија и влијаат врз имунитет. Зголемената количина на стомачни масти, исто така, може да го зголеми ризикот од кардиоваскуларни болести и дијабетес тип 2.
Австралиецот Џејмс Сванвик во интервју за британскиот Mirror опишал дека откажувањето од алкохолот ги намалило неговите стомачни масти за кратко време.
30 дена без алкохол
Џејмс, кој е основач на иницијативата „Животен стил без алкохол“, во своите средни 30-ти години забележал дека се чувствува тромаво, дека лицето му е отечено, а сонот лош.
Како што објаснил, австралиската култура на пиење подразбира „општествено прифатлива“ количина на алкохол: неколку чаша вино со вечерата во текот на неделата и неколку ладни пива за викенд.
Сепак, по еден клучен момент одлучил да ја прекине својата дневна навика и се откажал од алкохолот 30 дена. Се шокирал од резултатите и од бројот на килограми што ги изгубил.
Поврзани објави
„Симнав 6 килограми стомачни масти за само 30 дена“, рекол тој.
Неговата самодоверба се подобрила, исто и сонот. Кожата му изгледала подобро и повторно почнал да станува рано наутро и да вежба. Исто така, забележал зголемена ментална јасност. Откажувањето од алкохолот имало позитивно влијание и врз неговата банковна сметка. Позитивните ефекти на здравјето биле толку големи што овој 46-годишен маж продолжил со апстиненција и по една година симнал повеќе од 11 килограми.
Здравствени придобивки од откажувањето од алкохол
Консумацијата на алкохол е дел од секојдневјето на многу луѓе. Но повремената пауза има позитивни здравствени ефекти. Имено, откажувањето од алкохолот може да ги намали не само физичките, туку и психичките проблеми.
Здравствените придобивки варираат од човек до човек, во зависност од тоа колку долго се апстинира. Еве некои позитивни ефекти на телото:
- Подобра функција на црниот дроб: Долгорочното пиење алкохол може да доведе до цироза на црниот дроб.
- Намален ризик од рак и кардиоваскуларни болести.
- Намалување на тежината: Алкохолот содржи многу калории.
- Подобрување на помнењето.
- Подлабок сон и зголемена дневна продуктивност.
- Повеќе енергија.
- Подобри крвни резултати и подобрена состојба на кожата.
- Намалување на нападите на глад.
- Подобрување на општото физичко и психичко здравје.
ФОТО: i yunmai / Unsplash