Според извештај на Европската комисија, економскиот раст во Западен Балкан значително опадна во првото тромесечје од 2025 година. Реалниот пораст на бруто домашниот производ (БДП) во регионот се намали на 2,3 проценти, во споредба со 3,3 проценти во претходното тримесечје.
Сите држави во регионот забележаа послаб раст во споредба со претходните три месеци. Србија, како најголема економија во регионот, забележа најзначајно успорување на растот на производството, од 3,3 на два проценти. Сепак, според извештајот за економиите на земјите кандидати или потенцијални кандидати за членство во ЕУ, Северна Македонија, Албанија и Косово беа над границата од три проценти.
Економскиот пораст беше поддржан од домашната побарувачка. “Потрошувачката остана клучен придонесувач за растот во првиот квартал од 2025 година”, се наведува во извештајот. Потрошувачката на домаќинствата беше проследена со континуиран висок пораст на платите низ целиот регион.
Во извештајот понатаму се констатира дека “динамиката на трговијата генерално се карактеризираше со поголем увоз во споредба со извозот, што доведе до негативни придонеси на меѓународната трговија кон растот на БДП”.
Во првите три месеци од 2025 година, стапката на невработеност се намали во повеќето земји од регионот. Иако “невработеноста во регионот беше на историски најниско ниво”, таа остана повисока во споредба со Европската Унија. Во согласност со намалената економска активност, порастот на вработувањата се успори на 0,2 проценти во Западен Балкан.
Во периодот од четири квартали заклучно со март, нето приливот на странски директни инвестиции забележа пад во повеќето земји од регионот, особено во Северна Македонија и Србија, споредено со 2024 година. Девизните резерви покажаа намалување во одредени земји од регионот. Просечната годишна инфлација порасна на 3,7 проценти во првото тримесечје од 2025 година. “Инфлацијата во вториот квартал од оваа година се движеше од 2,3 проценти во Албанија до 4,3 проценти во Црна Гора.”
И покрај значителниот пораст на приходите, буџетските расходи растеа со побрзо темпо, што резултираше со влошување на фискалните биланси во речиси сите економии на Западен Балкан во првите пет месеци од 2025 година, со исклучок на Северна Македонија.
Во Турција, годишниот економски раст дополнително се намали на два проценти во првиот квартал од 2025 година. “Годишната инфлација на потрошувачки цени во земјата падна на 35 проценти во јуни, најниско ниво од ноември 2021 година, главно благодарение на пониските цени на храната.”