Американскиот претседател Доналд Трамп ја одбележа Новата 2026 година со свеченост во својот имот Мар-а-Лаго на Флорида. За време на настанот, портрет на Исус Христос, насликан непосредно пред тоа, беше продаден на аукција за импресивни 2,75 милиони долари, додека претседателот го посака „мир во светот“.
Уметницата Ванеса Хорабуена го создаде портретот пред присутните гости во текот на вечерта. Трамп ја пофали нејзината вештина, опишувајќи ја како „една од врвните уметници на планетава“, според „Гардијан“.
Тој изрази убедување дека уметницата може да создаде „величенствен портрет за Белата куќа“ или „врвна слика буквално за 10 минути“.
Додека музички состав изведуваше успорена верзија на химната „Алелуја“, Трамп ја повика уметницата да „исслика нешто извонредно“ и ја отвори лицитацијата со почетна понуда од 100.000 долари.
Беше најавено дека половина од собраните средства од продажбата ќе бидат наменети за Детската болница „Сент Џуд“, а другата половина за локалната полициска станица.
На крајот, портретот достигна цена од 2,75 милиони долари.
Меѓу истакнатите гости на свечената вечера беа поранешниот советник на Трамп, Руди Џулијани, американската министерка за внатрешна безбедност Кристи Ноем, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговата сопруга Сара, емиратитескиот милијардер Хусеин Саџвани, како и бројни други политички и јавни личности од Соединетите Американски Држави.
Пораката на Трамп за „мир во светот“ дојде во момент кога новинарите го прашаа за наводен напад врз пристаниште во Венецуела, за кој се шпекулира дека е оркестриран од ЦИА.
Годишната новогодишна прослава во Мар-а-Лаго, која во претходните години привлекуваше многу познати личности, е долгогодишна традиција, а цената на еден билет за присуство изнесуваше 1.450 долари.
Пред самата прослава, Трамп објави низа пораки на социјалните мрежи, во кои остро ги критикуваше своите политички опоненти и ја фалеше економската политика на неговата администрација. Најави и дека ќе бидат покренати истраги за, како што ги нарече, „сериозни финансиски прекршувања“.
„Ќе дознаеме се до крај. Тоа беше огромна измама“, изјави Трамп, и покрај тоа додавајќи дека „новата година ќе биде одлична“.
јт/Фото: Бела куќа.