Поради одржувањето на традиционалната спортско-рекреативна манифестација „Прв до врв“, денес во Скопје ќе има времени измени во сообраќајот и пренасочување на возилата на повеќе улици и булевари низ градот.
Настанот годинава ќе се одржи по 14-ти пат и ќе опфати велосипедска трка и планинарска тура кон Водно и Милениумскиот крст.
Велосипедската трка ќе стартува во утринските часови од централното градско подрачје, а учесниците ќе се движат по неколку главни сообраќајници кон Средно Водно. Воедно ќе се реализира и пешачка тура, која ќе води по планинските патеки кон врвот на Водно.
Од СВР Скопје информираат дека за време на настанот ќе биде воведен посебен режим на сообраќај, со цел безбедно одвивање на активностите. Полициски службеници ќе бидат распоредени долж трасата и ќе вршат регулирање на движењето.
Надлежните апелираат граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и насоките од полицијата, како и навремено да ги планираат своите маршрути низ градот.