Table of Contents
Ја прашавме нашата водителка што и’ претставува поголемо задоволство: водењето утринска емисија или водењето поткаст?
Долги години го започнува денот со „Ја сакам Македонија“, а од неодамна е дел и од екипата на Sitel Podcast – поткаст кој обработува теми од различни области. Нашата Јована Стојменовиќ е задолжена за сегментот „Бизнис-приказни“ и, иако признава дека станува збор за различни медиумски формати, нејзиниот главен приоритет секогаш останува гледачот – и на телевизија и на поткаст.
Која е разликата помеѓу водењето утринска програма и водењето поткаст?
Телевизијата како медиум има голема одговорност за сè што се пласира како содржина, па и ние водителите, кои сме и уредници на програмата, ја делиме одговорноста. Од друга страна, поткастот како формат бара понепосредно водење на разговорите, но сметам дека повторно не би требало да се преминуваат границите на пристојноста. Посебноста на нашиот поткаст е тоа што се состои од тим водители кои се искусни новинари и телевизиски луѓе, и тоа е извесна предност, поради познавањето на принципите и начините како една приказна треба да биде раскажана, покажана и доближена до гледачот во одредена временска рамка.
Зошто телевизија како Сител согледа потреба да започне свој поткаст?
Поткастот одамна е во план, па сега конечно преминавме на неговата реализација. Тој е еден од многуте сериозни планови што ги има Сител за комплетната дигитална платформа што ја развива. Телевизијата останува најгледан и највлијателен медиум, но добро е кога брендот може да понуди и дополнителни опции за содржина на Интернет.
Како ги избираш гостите во твојот сегмент „Бизнис-приказни“?
Оваа сфера на разговори ми е најголем предизвик, затоа со задоволство се впуштив во тоа. Се работи за приказни кои не се само бизнис-приказни туку се и животни приказни. Овие луѓе го обликувале бизнисот, но и тој ги обликувал нивните животи. Имам повеќе критериуми по кои се водам при изборот на гости, но ќе го издвојам најважниот, а тоа за мене, и на телевизија и на поткаст, секогаш е гледачот и она што сметам дека нему би му било интересно, инспиративно, корисно, информативно, па и интригантно.
Постои ли реална опасност овој тип медиум комплетно да ги замени телевизиските емисии?
Енценсбергер, во теоријата која датира од пред појавата на Интернетот, сметаше дека новите медиуми, „ќе создадат услови за вистинска независност на поединците од институтите на моќта и ќе ги направат масите писатели на историјата“. И веројатно бил во право. Комуникациските можности на Интернет се големи. Но човек сè што може да употреби, може и да злоупотреби, па така е и во случајот на новите медиуми. Токму поради тие злоупотреби, луѓето сè уште го сметаат за најрелевантно она што се „кажува на телевизија“ или се пишува, на пример, во нашиот магазин. Не дека тоа нема да „се кажува“ и на Интернет, но таму премногу нешта се кажуваат и прераскажуваат, што води и до презаситување со информации, како и со дезинформации.
Поврзани објави
Кој би сакала да гостува во твојот поткаст?
Од домашните, имам многу луѓе чија приказна едвај чекам да ја слушнам и да им ја пренесам на гледачите. Ќе ме следите ако сакате, а од нереални желби, би сакала да ми гостува Илон Маск.
Која е пораката што сакаш да ја пренесеш преку приказните на твоите соговорници?
Има посебна убавина и емоција во тоа како некој добил идеја за бизнис, па собрал храброст, имал или немал поддршка, не отстапувал пред тешкотиите во процесот, што било клучно за успехот… Разговорите се многу инспиративни, а и привилегија е да разговараш со луѓе кои се исклучително вешти, паметни, мудри и од кои можеш многу да научиш. И тоа е крајната цел: гледачите да слушнат за тоа како изгледа градењето конкретен бизнис од луѓето кои го создале, граделе или учествувале во процесот.
За што не зборуваме доволно, а би требало?
Не зборуваме доволно искрено за себе. Најчесто од некој страв, а тоа е стравот од осуда. Затоа и често се восхитувам кога моите гости во бизнис-приказните искрено ќе споделат некоја нивна вистина, иако станува збор за луѓе кои имаат голем влог во сето она што го зборуваат. Ќе искористам да апелирам помалку да осудуваме – така автоматски ќе слушаме и гледаме многу повеќе вистина.
Зошто масивната продукција на поткасти е добра или лоша?
Јас и за телевизија, и магазини, па така и за поткасти тврдам дека за секого има место под сонцето. Треба само да се натпреваруваш со себеси и така ќе бидеш најдобар.
Каде најчесто грешат нашите „поткастери“?
Не би осудувала, нели така се договоривме. На крајот на краиштата, оценката дали грешат или грешиме, ќе ја кажат гледачите. Иако, да бидеме чесни, гледаноста на Интернет зависи од многу други фактори кои не се однесуваат на квалитетот на содржината.
Разговарала: Марија Лукаревска
ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА