Граѓаните имаат уште ограничен рок да инвестираат во четвртата емисија на граѓански обврзници. Запишувањето е отворено до 1 декември, а заинтересираните можат да го направат тоа во филијалите и експозитурите на деловните банки низ земјава.
Според информациите од Министерството за финансии, минималната инвестиција изнесува 10.000 денари, односно граѓаните можат да запишат најмалку една обврзница во овој износ.
Новата емисија носи годишна каматна стапка од 4,6 проценти, а рокот на достасување е две години. Главницата треба да биде исплатена на 11 декември 2028 година. Каматата ќе се исплаќа на годишно ниво – првата исплата е предвидена за 11 декември 2027 година, а втората за 11 декември 2028 година.
Вкупната вредност на проспектот за четвртата емисија е 100 милиони денари. Аукцијата ќе се одржи на 3 декември.
Досега Министерството за финансии реализираше три емисии граѓански обврзници. Првата беше издадена на 13 јули 2023 година, во вредност од 23,5 милиони евра, додека втората, реализирана на 7 ноември истата година, достигна 17,6 милиони евра.
Третата емисија беше спроведена на 12 декември 2025 година, при што беа издадени обврзници во вредност од 33 милиони евра.
Од Министерството посочуваат дека обврзниците од првите две емисии, заедно со припадната камата, се целосно исплатени.