Доскорешната коалиција ВРЕДИ синоќа на Конгрес во Скопје, во присуство на 850 учесници, се спои во една политичка организација.
Ко-претседателот на ВРЕДИ и градоначалник на Чаир, Изет Меџити, во своето обраќање на Конгресот истакна дека постојат периоди во историјата кога политиката престанува да биде натпревар и станува неопходност.
Според него, ова се моменти кога времето налага не само промени, туку и обединување. Тој потенцира дека на едно место се собрале различни сили, со различни искуства и животни приказни, кои честопати имале спротивни насоки.
„Сепак, во тој момент, иако разликите не исчезнаа, тие сили се обединија околу поголема цел: да се стави крај на долгата ера на застој и да се отвори нова етапа за Албанците во Северна Македонија. Ова не беше лесен сојуз, но беше неопходен сојуз. Бидејќи зад нас беше долго и тешко поглавје, со институции оптоварени со скандали, со канцеларии каде што се играше фудбал и со наместени политички случаи, каде што правдата се користеше како оружје за пресметка и замолчување на противникот. Таквото поглавје бараше крај. А секој таков крај бара храброст. Затоа дојде овој сојуз“, рече Меџити.
Првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, во својот говор нагласи дека обединувањето на овој субјект испраќа силна порака за единство и евроатлантска ориентација.
Потсетувајќи на протестите од пред 10 години во Скопје „За достоинство, правда и демократија“, Сали рече дека денеска, на Денот на Европа, ова обединување ја потврдува насоката на ВРЕДИ.
„Можеме да имаме алтернативи за сè, но европската интеграција е ориентација без алтернативи. Ова е патување кое се гради со кредибилни институции и секојдневна одговорност кон граѓаните“, рече Сали.
Тој потенцира дека ВРЕДИ се гради како сериозна политичка структура, со теренска организација, младински и женски форуми, како и со вклучување на професионалци, со цел да биде блиску до граѓаните насекаде. Сали посебно ги истакна младите луѓе и жените, нагласувајќи ја потребата од создавање услови за нив да ја градат иднината на земјата, како и важноста од зајакнување на општините преку децентрализација.
Градоначалникот на Тетово, Билал Касами, во своето излагање за време на првиот Конгрес на партијата, рече дека ВРЕДИ не е само здружение на партии, туку поинаква култура на креирање политики.
Касами истакна дека на Албанците им е потребна политика која гради, планира и размислува надвор од мандатот. Во својот говор, тој објасни што претставува ВРЕДИ и кои ќе бидат неговите приоритети.
„ВРЕДИ треба да стане уште една албанска политичка култура. Помирна, посериозна, поинституционална и поодговорна кон граѓанинот. Не ни е потребна политика што живее од кавги. На Албанците им е потребна политика што гради, планира и размислува надвор од мандатот. Затоа, важно е да кажеме и што претставуваме. Ние сме партија од десниот центар. И не го кажуваме ова како нешто што звучи добро на хартија. Го кажуваме затоа што веруваме во некои многу јасни вредности“, рече тој.
Според него, вредностите на ВРЕДИ се чесност и работа.
„Веруваме во семејството како прво место каде што човекот учи доверба, одговорност и љубов кон другите. Веруваме во чесна работа, во личноста која станува рано за да го издржува своето семејство, во претприемачот кој презема ризици, создава и не очекува сè од државата. Веруваме во нашиот идентитет, во јазикот, во културата, во верата и во оние духовни вредности кои нè држеле заедно дури и во времиња кога имавме малку можности, но многу достоинство. Но, веруваме и во модерна држава. Во институции кои функционираат. Во професионална администрација. Во правда која е еднаква за сите, а не мајка за еден, а маќеа за друг“, рече Касами.
Косовскиот премиер Албин Курти, кој беше гостин на Конгресот, во своето обраќање нагласи дека овој Конгрес има посебна симболика токму затоа што се одржува на 9 мај, на Денот на Европа.
„Тоа е потсетник дека модерна Европа е изградена врз урнатините на фашизмот, супремацијата и војните. ЕУ е родена како проект на мир преку антифашизам и просперитет преку демократија. Ова е од особено значење за Балканот“, рече тој.
Потпретседателот на Демократската партија на Албанија, Лучијано Бочи, присутен на првиот Конгрес на ВРЕДИ, го опиша обединувањето на оваа коалиција во партија како момент од посебно политичко значење за Албанците во регионот.
Градоначалничката на општина Прешево, Ардита Синани, испрати порака за поддршка на првиот Конгрес на коалицијата ВРЕДИ, сега политичка партија, нагласувајќи ја важноста на политичкото обединување на Албанците во Северна Македонија.
нд/Фото: Принтскрин. Извор: МИА