Почетна ЕкономијаПочина професорот Владимир Цветковски – biznisvesti.mk

Почина професорот Владимир Цветковски – biznisvesti.mk

од nenad
3 минути читај за

Вчера, на 91-годишна возраст, почина професорот, научник и литературен преведувач Владимир Цветковски, објави Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (УКИМ).

Владимир Цветковски е роден во 1934 година во Битола, каде што го завршил своето основно и средно образование.

Дипломирал англиски јазик и литература во 1959 година на Филозофскиот факултет во Нови Сад, а магистрирал во 1964 година на Универзитетот во Пенсилванија во Филаделфија, САД. Докторирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1975 година со докторската дисертација „Сложени именки во англискиот и македонскиот јазик – контрастивка анализа“. Во академската 1975/76 година престојувал на Универзитетот во Чикаго, САД, на постдокторски студии.

Цветковски започнал да работи на тогашниот Филозофски факултет во Скопје во 1961 година како хонорарен предавач, а во 1962 година бил избран за асистент по англиски јазик на Катедрата за англиски јазик и литература. По стекнувањето на научниот степен доктор на филолошки науки, бил избран за доцент, вонреден професор и редовен професор на Филолошкиот факултет во Скопје.

На Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, Владимир Цветковски пренесувал знаења по предметите Историја на англискиот јазик и Англо-американска цивилизација, а исто така водел и вежби по предметот современ англиски јазик, часови по предметот Техника на преведувањето, како и вежби по преведување од англиски на македонски јазик. Освен на неговата матична катедра, тој предавал и англиски јазик на повеќе факултети на Универзитетот во Скопје (Медицински, Електромашински, Филозофски и др.).

Владимир Цветковски повеќепати подолго време престојувал во земјите од англиското говорно подрачје, особено во САД. По дипломирањето, студирал на постдипломски студии на Универзитетот во Пенсилванија во Филаделфија, а во 1975/76 година на Универзитетот во Чикаго. По неговиот избор за редовен професор, тој поминал две академски години, 1985/86, на Државниот универзитет во Портланд, Орегон, САД, каде што предавал македонски јазик. Од академската 1991/92 година предавал историја на англискиот јазик на Катедрата за англиски јазик и литература на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Ниш.

На Филолошкиот факултет во Скопје, Владимир Цветковски активно учествувал во работата на сите административни тела на Факултетот. Тој бил член на Извршниот одбор, член на Факултетскиот совет, продекан за настава во периодот 1980/82 година, декан на Филолошкиот факултет во периодот 1989/91 година. Владимир Цветковски бил член на повеќе научни асоцијации и здруженија во земјата и во странство, како што се: Здружението на наставници по странски јазици, Југословенското здружение за применета лингвистика, Југословенското Шекспирово друштво – секција за Македонија, Југословенско-канадско друштво за литература и култура (претседател 1989/90), Здружението за австралиски студии и Здружението за наука, Битола.

Владимир Цветковски активно учествувал на научни конференции со реферати. Се занимавал со прашања од областа на јазикот и литературата, литературните и културните врски, како и со преведувањето. Тоа вклучува студии и статии, критики и прикази, преводи од англиски на македонски и од македонски на англиски јазик. Неговата научна и професионална активност се огледува во неговите дела од областа на јазичните прашања, теоријата на преведувањето, културните и литературните врски на Македонија со земјите од англиското јазично подрачје.

„Во видокругот на неговото внимание се наоѓа книжевноста или одделни писатели од повеќе земји од англиско говорно подрачје (Австралија, Канада, САД), најчесто, но не и исклучиво, кога се во врска со македонската книжевност или Македонија. Во поглед на јазичните дисциплини неговото внимание е насочено на контрастивно изучување на англискиот и македонскиот јазик (транскрипција, хомонимија и полисемија, сложенки со редупликација), но и на јазикот како носител на културата.“

„Со својата педагошка, научна и преведувачка дејност, професорот Владимир Цветковски остави траен влог во развојот на англистиката, филологијата, како и во македонската култура и нејзиниот дијалог со светот“, се наведува во изјавата од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.