Почетна ЕкономијаОБРАЌАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ МИТРЕСКИ ПРЕД ВРХОВНАТА РАДА НА УКРАИНА

ОБРАЌАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ МИТРЕСКИ ПРЕД ВРХОВНАТА РАДА НА УКРАИНА

од nenad
2 минути читај за

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Јован Митрески, на покана
од претседателот на Врховната рада на Украина Руслан Стефанчук, претстојува во еднодневна
посета на Украина, на настаните посветени на втората годишнина од почетокот на руската
воена агресија од големи размери на територијата на Украина. Во рамките на посетата, тој се
обрати на специјалната седница на Врховната рада на Украина.

   

Во своето обраќање пред украинските пратеници и високите гости, претседателот Митрески
ја потврди цврстата, недвосмислена и решителна поддршка и солидарност за Украина,
украинските институции и украинскиот народ и нагласи дека граѓаните на Република Северна
Македонија се, и остануваат со граѓаните на Украина за сета помош и поддршка што е
неопходна.

„Денеска, на 24 февруари, сме овде во Кијив за да испратиме силни пораки за мир,
разбирање, толеранција и почитување на другиот, но во исто време да испратиме исто толку
силна порака дека демократскиот свет е обединет во поддршката на Украина во борбата за
правда, одбрана на нејзината територија и одбрана од империјалните апетити на нејзиниот
сосед“, истакна Митрески. Тој оцени дека руската агресија врз Украина е предупредување за
сите дека мирот, независноста и слободата не треба да се земаат здраво за готово. „Но, сето
ова зло, сета оваа неправда, не го уништи духот на Украина, не ја уништи волјата на храбриот
украински народ да се спротивстави на оваа агресија и да се бори за територијалниот
суверенитет на сопствената држава и за сопствената независна и слободна иднина“, додаде
тој.

Митрески изрази цврсто уверување дека, како и досега низ историјата, демократските
вредности ќе ја победат агресијата, а соработката ќе се насочи кон разговори за подобар
животен стандард, просперитет и развој, културна соработка и размена.

Во продолжение интегрално ви го пренесуваме обраќањето на претседателот на Собранието
Митрески:
Почитуван претседателе Стефанчук,
Почитувани пратеници,
Дами и господа,

Моето обраќање денеска од тука, од Врховната рада на Украина, на двегодишнината
од еден од најмрачните денови во поствоената историја на Европа за мене претставува
особена чест, но во исто време е поврзано со тага, затоа што Украина, како независна земја
која сака да оди по својот независен и европски пат, беше цел на сурова агресија од страна на
Русија.
Денеска, на 24 февруари, сме овде во Кијив за да испратиме силни пораки за мир,
разбирање, толеранција и почитување на другиот, но во исто време да испратиме исто толку
силна порака дека демократскиот свет е обединет во поддршката на Украина во борбата за
правда, одбрана на нејзината територија и одбрана од империјалните апетити на нејзиниот
сосед.

Точно две години Украина, но и сите демократски сили во Европа и во светот, живеат
со ужасите што ги предизвика и сѐ уште ги предизвикува Русија со нејзината со ништо
непредизвикана целосна агресија не само врз земјата, туку и врз украинскиот народ.
Илјадници Украинци се жртви на оваа грозоморна агресија, милиони Украинци се
раселени и внатре во земјата и низ Европа, на децата им е одземено безгрижното детство,
уништено е огромно историско и културно наследство, нанесена е огромна штета на
економскиот напредок и просперитет на оваа убава земја.