Почетна ЕкономијаВо Рим нова рунда преговори меѓу Иран и САД за нуклеарната програма на Иран

Во Рим нова рунда преговори меѓу Иран и САД за нуклеарната програма на Иран

од nenad
2 минути читај за

Во Рим денес се одвива втората сесија од разговорите меѓу Иран и САД во врска со нуклеарната програма на Исламската Република.

Дискусиите се одржуваат зад затворени врати во амбасадата на Оман во Рим и имаат за цел да ги надградат договорените точки од нивниот прв круг, кој беше организиран во Оман минатата седмица, пренесува ДПА.

Американската делегација е предводена од специјалниот претставник на Белата куќа, Стив Виткоф, додека шеф на иранската делегација е министерот за надворешни работи, Абас Арагчи. Министерoт за надворешни работи на Оман, Бадр ал Бусаиди, ја има улогата на медијатор во овие преговори.

Веднаш по почетокот на втората рунда од преговорите, Али Шамхани, политички советник на врховниот ирански лидер Али Хамнеи, преку објава на социјалните мрежи соопшти дека Иран е подготвен за договор за нуклеарната програма, но, како што потенцира, под одредени услови. “Сакаме избалансиран договор, а не предавање,” напиша тој на X.

Шамхани апелираше за целосно отстранување на санкциите, вклучувајќи и олеснување на ограничувањата за странските инвестиции и прекин на заканите од Израел и САД.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно повеќепати му се закани на Техеран со воени последици доколку разговорите не дадат плод, изјавувајќи дека негова основна цел е да ја спречи иранската програма за нуклеарно оружје.

Стив Виткоф неодамна изјави дека договор ќе биде постигнат само доколку Техеран целосно ја суспендира својата програма за збогатување ураниум и развој на оружје, што претставува значително заострување во споредба со неговиот претходен став кој укажуваше дека е можно ограничено збогатување за цивилни цели, под строга контрола.

Шефот на иранската дипломатија, Арагчи, изрази отвореност за компромиси во однос на нуклеарната програма и нивото на збогатување ураниум, нагласувајќи дека Иран нема намера да развие нуклеарна бомба. За возврат, Иран бара укинување на американските санкции. Сепак, според Арагчи, целосното откажување од нуклеарната технологија не е тема за дискусија.

Дополнителни точки кои предизвикуваат раздор помеѓу САД и Иран се и иранската ракетна програма и политиката на Блискиот Исток, особено поддршката на Техеран на милитантните исламистички групи кои се борат против Израел.

са/Фото: ЕПА