Министерството за дигитална трансформација денес извести дека се овозможени две нови услуги на Националниот портал за електронски услуги – uslugi.gov.mk, кои се поврзани со Министерството за внатрешни работи.
Според информациите од Министерството, станува збор за често барани уверенија за моторни возила кои се употребуваат во сообраќајот – “Потврда за моментална сопственост на моторни возила за физички лица” и “Потврда за поседување на моторни возила за одреден временски период за физички лица (историјат за возило)”.
Овие две услуги од сега се достапни во дигитален формат и можат да се користат во правниот промет. Нивното добивање е овозможено и во центрите за услуги на Министерството за дигитална трансформација во Скопје (Центар), Аеродром, Куманово, Тетово, Јегуновце, Битола, Охрид и Штип.
“Дигитализацијата на овие нови услуги на Националниот портал е значаен чекор напред во насока на транспарентност и ефикасност на институциите. Со нивното дигитализирање, граѓаните добиваат ефикасна услуга, јасен увид во постапките, намалувајќи ја можноста за злоупотреби и зајакнувајќи ја довербата во јавната администрација,” соопштуваат од Министерството за дигитална трансформација.
фф/бак/Фото: Министерство за дигитална трансформација