Почетна ЕкономијаВладата на Албанија ќе инвестира преку 57 милиони евра во технологија за дигитализација на образованието

Владата на Албанија ќе инвестира преку 57 милиони евра во технологија за дигитализација на образованието

од nenad
1 минути читај за

Владата на Албанија има намера да ја зајакне технолошката инфраструктура во училиштата до 2030 година, за што планира да инвестира 5,5 милијарди леки (повеќе од 57 милиони евра).

Министерството за образование и спорт, за оваа цел, го достави на јавна дебата предлог-документот за дигитализација на високото и предуниверзитетското образование во следните 5 години, како клучен услов за процесот на интеграција на државата во Европската унија.

„Средствата се наменети за 654 паметни лаборатории во 615 училишта, обезбедување лаптопи за 5,500 наставници, подобрување на пристапот до широкопојасен интернет и создавање централни платформи за менаџирање со академски и научни информации“, објави abcnews.al. Според предложениот план, иницијативата за паметни лаборатории ќе продолжи во сите основни и средни училишта во земјата.

Се очекува 32 милиони леки, обезбедени од државниот буџет и меѓународни партнери, да бидат наменети за пилот-проекти, со цел воведување на вештачка интелигенција во наставниот процес.

„Програмата вклучува и обука за 16 илјади наставници со 10 модули од информатичко-комуникациската технологија и изградба на наменска дигитална платформа за обука на наставници, за што се предвидува 417 милиони леки, од државниот буџет и донатори.“

Меѓу приоритетите е и проширување на Wi-Fi мрежата, брз безжичен интернет, во сите основни, средни и високообразовни институции, додава телевизијата.

Во предложениот нацрт-текст се споменуваат и неодамнешните чувствителни прашања поврзани со опасностите од изложеност на децата на интернет, што предвидува „преземање конкретни мерки и подигање на свеста во училиштата за спречување на сајбер малтретирањето“.

Во поглед на високото образование, новата стратегија има цел да ја зајакне поврзаноста на универзитетите со пазарот на трудот.

Во тој контекст, високообразовните институции треба да се реформираат и да понудат програми кои се повеќе насочени кон потребите на индустријата и работата, со што ќе се зголемат можностите за директно вработување на дипломираните студенти.

вт/ .

Извор: МИА