Многумина ја опишуваат 2026 како пресвртна точка за вештачката интелигенција. Од ваша перспектива, дали навистина станува збор за историски момент за индустријата?
2026 е повеќе од пресвртна точка, тоа е година во која АИ конечно станува фундаментална инфраструктура на економијата. Ако дигитализацијата го забрза светот, АИ го прави предвидлив. Во телекомуникациите тоа значи нешто многу конкретно односно начинот на кој ги проектираме, управуваме и ги оптимизираме мрежите се поместува од човечки процеси кон алгоритамски екосистеми.
Досега технологијата ја подобруваше добивката додека денес таа ја дефинира.
Она што е навистина драматично е што оваа промена не е само технолошка, туку и организациска, културна и економска. Компаниите што нема да интегрираат АИ во своите операции и тоа не само во front-end, туку и во core-системите за две или три години ќе се соочат со реален ризик да останат невидливи во пазар што станува алгоритамски. Во овој контекст, АИ не е избор, туку предуслов за одржливост.
Кога зборувате за мрежите, често користите термини како „учење“, „предвидување“ и „автономија“. Како ова изгледа во практиката?
Ќе објаснам со едноставна паралела. Традиционалната мрежа е како добро обучен оркестар, таа функционира добро, но мора да има диригент кој ќе ја води секоја промена. Интелигентната мрежа, пак, е оркестар што сама ја чита партитурата и знае однапред каде може да се појави проблем или оптоварување.
Во нашиот регион, вклучувајќи ја и Македонија, веќе правиме чекори во оваа насока. АИ денес ни помага попрецизно да анализираме голем број мрежни настани, побрзо да ги откриваме аномалиите и поефикасно да ги предвидуваме пиковите во сообраќајот било да се работи за концерт, спортски настан или друга масовна активност. Сè уште сме во фаза на постепено воведување, но резултатите се многу охрабрувачки.
Да земеме на пример кога зборуваме за 5.5G, зборуваме за технологија која ја носи оваа логика на уште повисоко ниво. Таа генерација мрежи е дизајнирана од самиот почеток да работи со алгоритамска интелигенција да оптимизира енергија, да ја намалува латенцијата и да го распределува капацитетот речиси автономно.
Не би рекол дека целиот регион веќе е таму, но тоа е правецот во кој глобално се движи индустријата. И тоа е причината што велам дека ова не е само еволуција на мрежите, туку промена во самата нивна логика.
Тоа звучи импресивно, но што значи тоа за корисникoт кој само сака стабилен интернет и паметна услуга?
За корисникот, најголемата трансформација е невидлива но значајна. До вчера клиентот мораше сам да идентификува проблем или потреба, да забележи слаб сигнал, да сфати дека му истекува пакет, да побара информација или да повика поддршка.
Во иднина ова исчезнува. АИ ќе реагира пред корисникот да почувствува.
Ова значи дека мрежата ќе му се прилагоди динамично, без да го прекине искуството. Што е уште поважно, услугите ќе бидат персонализирани на микрониво: млади корисници ќе добиваат real-time gaming оптимизации, работните професионалци предлози за ефикасни деловни пакети, а родителите препораки за контрола на дигиталниот сообраќај на нивните деца.
Персонализацијата ќе стане толку префинета, интуитивна и персонализирана. Корисникот никогаш не бил толку центар на екосистемот како сега.
Често се зборува за тоа дека АИ ќе го промени customer service. Дали тоа навистина значи крај на call-center моделот?
Не крај, туку трансформација. Реалноста е дека 80% од барањата се повторливи и рутински како што се фактури, биланси, основни технички проблеми. АИ може да ги реши во секунда, 24/7, без грешки. Тоа е добивка за корисникот и за компанијата.
Но човечкиот елемент не исчезнува. Напротив, станува поважен. Кога ќе се случи нешто специфично, нешто што бара проценка, емпатија или техничка комплексност, токму тогаш човечкиот агент е незаменлив. АИ не ја намалува вредноста на луѓето туку ја зголемува. Таа ги ослободува од рутината и им овозможува да бидат вистински консултанти. Ова е голема промена во логиката на услугата. Од „call center“ се движиме кон „care center“. И тоа е огромен напредок.
Ако се фокусираме на индустриите, кои се најголемите трансформации што ги очекувате во корпоративниот сегмент?
Најголемата промена е дека компаниите веќе не купуваат пакети туку купуваат резултати. АИ го прави тоа возможно. Во производството, на пример, предиктивното одржување може да спречи дефект пред тој да настане. Тоа значи дека фабриката не губи часови или денови во застој бидејќи секунда е доволна за системот да препознае ризик и навреме да реагира.
Во логистиката, АИ ги оптимизира маршрутите во реално време, а во здравството може да помогне со интелигентни системи за поддршка на клинички одлуки. Малите компании, пак, добиваат технологии што претходно беа недостапни: автоматизирани cloud-бекапи, АИ-сајбер заштита која реагира за милисекунди и intelligent dashboards што им помагаат да носат подобри финансиски одлуки.
Ова е нова економија – економија на предиктивност, прецизност и автоматизација.
Но со толку многу податоци и алгоритми, доаѓа и прашањето за етика. Како го решавате тоа?
Етичкото управување со АИ е апсолутно критично, особено за индустрија каква што е нашата. Ние управуваме со податоци кои се чувствителни, приватни и во суштина незаменливи. Затоа мора да сме многу повнимателни од другите сектори.
Во А1 Македонија работиме на неколку нивоа.
Прво, осигуруваме дека моделите работат со анонимизирани податоци што значи, нема реална лична трага.
Второ, имплементираме т.н. „контролирано учење“, каде моделот не може самостојно да менува свои одлуки без човеков надзор. Трето, ги тестираме алгоритмите за пристрасност дали одредени типови корисници се неправедно третирани. И конечно, правиме независни безбедносни ревизии за да осигуриме дека нашите АИ системи се транспарентни и сигурни.
Довербата е новата валута. Без неа, технологијата нема вредност.
Македонија е мал пазар. Дали тоа ја забавува или ја забрзува дигиталната трансформација?
Парадоксално, ја забрзува. Малите пазари се поагилни. Може да се имплементира нова технологија за шест или девет месеци, додека големите системи бараат години. Македонија може да биде тест-терен за иновации во мрежна интелигенција, паметни градови, IoT инфраструктури, па дури и јавни дигитални услуги.
А1 групацијата ни дава глобална технологија и know-how, но локалниот пазар ни дава брзина и прецизност. Тоа е многу моќна комбинација. И токму затоа сметам дека земјава може да ја изгради својата позиција како дигитален центар на регионот.
Каква е вашата визија за телекомуникациите во следните пет години?
Телекомуникациската индустрија ќе стане платформа. Тоа значи дека мрежата, cloud инфраструктурата, cybersecurity и АИ нема да се нудат како одвоени услуги туку како една интегрирана понуда. Компаниите ќе купуваат резултати што значи поголема ефикасност, заштеда, безбедност, предвидливост.
АИ ќе ја направи мрежата доволно интелигентна за да го предвидува и решава секојдневниот хаос. Но човечкиот фактор ќе остане клучен во водење на иновацијата, креирање на стратегии и градење доверба. Затоа велам, АИ нема да ја замени човечката иновација. Таа ќе ја засили.
Текст: Економист: Светот во 2026-та